
Увозот на струја за индустриските потрошувачи не влијае врз цената за домаќинствата, се вели во соопштението на „Електрани на Македонија“.
„Само за потсетување, за одржување и реконструкција на постојните термо и хидроелектрани, како и во изградба на нови капацитети компанијата во континуитет инвестира меѓу 50 и 75 милиони евра годишно. Во изминатиот период целосно завршени и пуштени во функција се два капитални производствени капацитети: ХЕЦ Света Петка и Паркот на ветерни електрани „Богданци“. Исто така, спроведен е зафатот за модернизација и автоматизација на РЕК Битола, а реализирана е и втората фаза од ревитализацијата на големите хидроелектрани. Целосно отворен и опремен е новиот рудник за јаглен Брод Гнеотино, а во фаза на отворање се и подинските јагленови серии во рудникот Суводол. Во функција на зајакнување на перформансите на рудниците во РЕК Битола изграден е и главен транспортен систем за јаглен од Брод Гнеотино до Суводол. Со овие зафати и инвестирање во искористувањето на домашните ресурси, ќе се обезбеди континуирано производство на електрична енергија во РЕК Битола за наредните две децении“, соопшти ЕЛЕМ.
ЕЛЕМ потсетува дека се работи и на активности поврзани со изградбата на хидроелектраната Бошков Мост, хидросистемот Луково Поле, и хидроелектраната Шпилје 2, а во тек се и подготвителните работи за изградба на систем за Топлификација на Битола и околината. Во тек се и истражни работи околу отворање на два нови рудници на јаглен Живојно и Мариово.
Од таму истакнуваат дека компанијата и во наредниот период ќе продолжи со реализација на најавените енергетски проекти кои на среден и на долгорочен план ќе го зголемат домашното производство и ќе ја подобрат енергетската ефикасност на постојните капацитети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


