| четврток, 6 декември 2018 |

Внукот на Александар Сариевски, Иван е годинашниот зет на Галичката свадба

Galicka svadba 2014 06 (Custom)

Иван Сариевски, внукот на славниот македонски пејач на народни песни Александар Сариевски, е годинашниот зет на Галичката свадба, која ќе се одржи на 12 и на 13 јули. Неговата избраничка е Ана Гареска, која, исто така, има галичко потекло, бидејќи нејзината мајка е галичанка.

Првпат на Галичката свадба ќе има две венчавки, а втората двојка што ќе се венчава во живописното село во Западна Македонија е Стефан Куковски, кој е галичанец и Маргарита Ивановска.

– Годинава немавме распишано конкурс за зетот и за невестата што ќе се венчаваат во „Свети Петар и Павле“, туку едноставно сакавме повеќе двојки да се венчаат и со тоа тие да останат во организацијата на оваа манифестација – велат од Месната заедница Галичник која ја организира свадбата.

Гареска, чијашто мајка го носи презимето Ажиевска е израсната во Галичник и таму ја знае секоја педа и сите обичаи што се поврзани со свадбата.

– Имам 29 години и откако паметам за себе, сум дел од свадбите што се одржуваат на Петровден. Јас сум трета во моето семејство што ќе се мажи на Галичката свадба. Моите родители, како и моите вујко и вујна, исто така, се венчале во Галичник – вели Гареска, која ќе биде идната госпоѓа Сариевска. Нејзиниот избраник Иван е внук на Александар Сариевски, кој ја отпеа „Зајди, зајди“ и остана запишан во македонската историјата како вокал што не се заборава.

Бидејќи годинава ќе има две свадби, од организацискиот одбор велат дека ќе има една куќа во која ќе бидат зетовците, а две одделни за невестите, а ќе се дели и поворката што ќе оди по невестите. Очекуваат меѓу три и пет илјади посетители.

Маргарита Ивановска, иако е битолчанка, со голема љубов зборува за Галичник.

– Галичник е место каде што се раѓа љубовта. Јас и Стефан се запознавме во Скопје, но нашата љубов се разви во Галичник. Затоа сакам ова место да го направиме храм на љубовта. Веќе се чувстувам како галичанка – вели Ивановска.

Ова е 41. издание на Галичката свадба, која обединува над 30 свадбени обичаи карактеристични за мијачкиот крај, од кои повеќто и денес се изведуваат на свадбите во Македонија.  Сепак, носиите, фолклорот, големиот број учесници, како и амфитеатралниот амбиент на Галичник ја прават Галичката свадба незаборавно доживување за секој посетител.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top