Социјален туризам, криминални питачи и даночни средства кои се трошат за имигрантите наместо за пензиите се дел од главните точки на листата на митовите околу имиграцијата што деновива ја актуализира шведскиот министер за интегарција, Ерик Уленхаг.
Шведската влада пред неколку години на својот веб-сајт лансираше листа на највообичаени митови кои циркулираат кога станува збор за имигрантите и за бегалците.
– Ова е еден начин да се доближат сознанијата околу реалните состојби поврзани со имиграцијата. Постои голема волја во општеството за отпор кон расизмот и нетрпеливоста кон странците и јас сум уверен дека знаењето е клуч – вели министерот Уленхаг.
Според него, кога станува збор за слободното движење во рамки на ЕУ, често се смета дека станува збор за социјален туризам, односно преселеување на граѓани од сиромашните во богатите земји-членки заради искористување и злоупотреба на социјални бенефити.
– Но, кога нештата ќе се проанализираат малку подлабоко, а не само површно, се гледа дека нема основа за таков вид заклучоци – потенцира Ерик Уленхаг. Една друга точка во шведската владина листа на митови околу имиграцијата се однесува на појавата на бројни питачи од сиромашните земји-членки на ЕУ во шведските градови, пред сѐ Романија и Бугарија, и дека со нив управуваат организирани криминални банди.
– Станува збор за голем социјален проблем во цела Европа поврзан со крајно сиромашни луѓе, но не постои ништо конкретно што би укажувало дека питачењето се спроведува како организирана криминална дејност – вели шведскиот министер за интеграција, кој изразува уверување дека ваков вид информативни кампањи долгорочно резултираат со позитивни ефекти во однос на борбата против расизмот и етничката нетолеранција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.