| четврток, 6 декември 2018 |

Потребните квалификации за работа во кабинетот на премиерот

Кабинетот на премиерот Никола Груевски има потреба од советници и лица на раководни функции. Распишани се два јавни повици кои стартуваа со важност од вчера и ќе траат до 14 јули.

Според првиот јавниот повик ќе се бараат лица за раководни и нераководни позиции од областа на странски инветиции, поддршка на домашната економија, човечки ресурси, протокол и право.

Како што истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, бројот на лицата кои ќе се ангажираат на раководни и нераководни позиции, не е лимитиран со огласот и ќе зависи од преференциите на самите апликанти, односно од проценката на нивниот квалитет, способноста која ќе ја демонстираат и образованието, односно вештините кои ќе ги докажат во процесот на селекција.

Апликантите треба задолжително да го познаваат англискиот јазик. Познавањето на друг јазик ќе се смета за дополнителна предност.

Канцеларијата на премиерот особено ги охрабрува да аплицираат сите оние лица кои што го завршиле своето образование на еден од најреномираните 100 универзитети во светот. Оние кои завршиле високо образование во Македонија, а немаат 5 годишно работно искуство, треба да имаат просек над 8,5.

Апликантите кои ќе се пријават на јавниот повик треба да имаат соодветно професионално искуство во рамките на областа за која тие пројавуваат интерес за ангажирање на раководна и нераководна позиција.

Кандидатите за странски инвестиции, пак, треба покрај обазованието да имаат и најмалку пет години работно искуство. Во областа на поддршката на домашната економија и за човечки ресурси, исто така, се бара од кандидатите да имаат петгодишно работно искуство, за протокол три години работно искуство и за правото 10 години работно искуство.

-Процесот на апликација е единствено по електронски пат, сите заинтерсирани лица и за двата повика ќе можат единствено да аплицираат  со поднесување на својата апликација на веб страната на Владата на Република Македонија, со пополнување на специјализиран формулар, посочи Ѓорѓиев.

Во вториот оглас се бараат советници за политички прашања, ЕУ, надворешни работи, животна средина, рударство и минерални суровини, култура, економија, претприемништво, индустрија и иновации, земјоделство, правосудство и администрација, енергетика, транспорт и врски, информациони технологии и телекомуникации и за локална самоуправа.

Ѓорѓиев објасни дека ангажирањето на новите лица е во функција на проширување на човечкиот потенцијал на Кабинетот на премиерот со цел реализација на владината програмата за наредниот период, која е обемна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top