| четврток, 6 декември 2018 |

Џејмс Џојс починал од сифилис, кој му го пренела проститутка

Кевин Бирмингам е авторот на книгата „Најопасната книга: Битката за ’Улис‘ на Џејмс Џојс“ во која како еден вид сложувалка ги спојува форензичките докази за болеста на Џојс, кој е познат и како родоначалник и втемелувач на прозниот и експериментален пристап, познат под името „состојба на свеста“. Професорот на Харвард долго време истражувал по архивите за да дојде до овој заклучок и да ја напише книгата, која излезе во печат на 16 јуни

Kultura94-James-Joyce-1

Џејмс Џојс (1882-1941), литературниот титан и истакнат модернистички писател, кој се смета за еден од најзначајните писатели во литературата, кој со своите дела извршил големо влијание врз светската книжевност, веројатно станал инвалид и ослепел поради тоа што имал сифилис, кој му го пренела проститутка, се вели во една новооткриена медицинска документација, која ја пронашол Кевин Бирмингам, професор на Универзитетот во Харвард.

Бирмингам е авторот на книгата „Најопасната книга: Битката за ’Улис‘ на Џејмс Џојс“ и во неа како еден вид сложувалка ги спојува форензичките докази за болеста на Џојс, кој е уште познат и како родоначалник и втемелувач на прозниот и експериментален пристап, познат под името „состојба на свеста“. Професорот на Харвард долго време истражувал по архивите за да дојде до овој заклучок и да ја напише книгата, која излезе во печат на 16 јуни.

– Тој првпат се сретнал со проститутката уште во пубертетот, кога имал само 14 години – вели Бирмингам во книгата. Ирскиот писател ги посетувал борделите и имал пари за проститутки благодарение на финансиите што ги добивал како награда за есеите што ги пишувал.

Книгата ја истражува сексуалноста на Џојс многу подетално отколку сите досегашни книги. Токму медицинската документација е таа што оди во прилог на тезата на Бирмингам, а која ја пренесува и британскиот весник „Гардијан“.

– Бирмингам тврди дека Џојс ослепел поради тоа што боледувал од сифилис, болест што се пренесува преку полов контакт. Тој често имал болки во очите бидејќи сифилисот, како болест напредува во бранови, односно станува збор за бактериски напади. Тој и во својата кореспонденција говори за гнојните воспаленија во устата, за големиот гноен чир на рамото, за кои може да претпоставиме дека биле резултат на сифилисот. Тој ја загубил и левата рака во 1907 година, а според научникот и истражувач на Харвард, Џојс „повремено ја губел свеста, имал несоници и напади на нервоза“.

Со децении се говореше, но не многу гласно, дека Џојс боледува од оваа страшна болест. На Бирмингам вниманието му го привлекло споменувањето дека прима инјекции „галил“, кои во тоа време исклучително се препишувале за третирање сифилис бидејќи пеницилинот почнал пошироко да се употребува дури во четириесеттите години на минатиот век и тоа за лекување на оваа полова заразна болест.

Книгата на Бирмингам излезе во печат на 16 јуни, а овој датум е познат уште и како Блумсдеј. Тој ден во Даблин е посветен на одбележување на делото на славниот ирски писател, „Улис“. Дејството во романот се случува токму на тој ден, 16 јуни, но во 1904 година. Тоа е датумот што Џојс го одбрал бидејќи првпат излегол на состанок со својата девојка Нора Џозеф Барнакл, која подоцна му станала и сопруга. Денес, секој 16 јуни, туристи и даблинци шетаат по патеката што ја минува Леополд Блум, јадат и пијат во кафеаните што ги спомeнува Џојс во романот и организираат јавно читање на „Улис“, повторно анализирајќи го опусот на познатиот писател.

„Улис“ е негово капитално дело, кое е издадено во 1921 година, а следната година доживеало неколку неофицијални објавувања. Официјалното издание во САД се случило дури во 1933 година. Дејството во романот се случува во Даблин, од зората до три часот по полноќ. Главни јунаци се Леополд Блум, кој е 38-годишен снабдувачи на огласи во весници, неговата сопруга, 33-годишната пејачка Моли Блум и синот на неговиот пријател, младиот професор Стафан Дедалус, кој има 22 години. Во романот се раскажуваат разните настани низ кои поминуваат главните ликови во текот на денот.

Инаку, оваа година се навршуваат точно 100 години од објавувањето на неговата збирка раскази „Даблинци“. Овој датум е избран сосема случајно, бидејќи Џојс „Даблинци“ ги пишувал меѓу 1903 година и 1907 година во Даблин, Цирих, Пула, Рим и во Трст, а ја објавил осум години подоцна. Тоа што е Пабло Пикасо за модерната уметност, тоа е Џојс за модерната книжевност. Иако во текот на целиот свој живот се борел со издавачите, кои ги одбивале неговите дела, со критичарите, со обвиненијата дека шири неморал, ирскиот писател остана запаметен по наративната техника и иновативниот однос кон јазикот. Иако ја напуштил Ирска во 1904 година, дејството на неговите најважни романи се случува во Даблин и во околината. Самиот Џојс бил опседнат со Даблин бидејќи тоа е градот во кој живеел како момче и од кој бил принуден често да се сели бидејќи неговото семејство било сиромашно. Се верувало дека ако некогаш Даблин го снема од лицето на земјата, слободно може да се реконструира според описите на Џојс. Ирскиот писател сметал дека ако може со своето пишување да допре до срцето на Даблин, тогаш ќе може да допре до срцето на кој било град во светот.

 

(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 94. број на неделникот „Република“, 20.06.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top