| четврток, 6 декември 2018 |

Европскиот парламент го одложи гласањето за Македонија

evroparlament-evrospki-parlament-685x320Комисијата за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент денеска ја прифати препораката на пратеникот Ричард Ховит и го одложи гласањето за Резолуцијата за Република Македонија, јавува МИА од Брисел. АФЕТ расправаше за 203-те амадмани поднесени на Предлог-резолуцијата претставена од известувачот Ховит, при што се разви дебата во која се допре и македонскиот идентитет, но на крајот беше договорено да се одложи гласањето додека не се реши политичката криза во земјата.

– Кризата што настана по случувањата на 24 декември минатата година не се надминува. Двете главни политички партии во земјата се обвинуваат меѓусебе, а опозициската СДСМ го напушти Парламентот и се заканува со бојкот на локалните избори. Останува моето мислење дека Македонија има историска можност во јуни да добие позитивна препорака за почеток на пристапните преговори од Европскиот совет, но само ако се реши ситуацијата, која може да го уништи прогресот на земјата обезбеден изминатите години, истакна известувачот за Македонија на почетокот на дебатата во Европарламентот во Брисел.

Ховит повтори дека ЕП не верува во бојкот на избори, по што побара одложување на гласањето за Резолуцијата за неколку недели, посочувајќи дека тоа го прави со цел АФЕТ и ЕП да дадат позитивна препорака за земјата, а дека поради сегашната ситуација е можно да се добие негативен извештај.

– Имам надеж дека одложувањето на овој извештај ќе испрати јасен сигнал до партиите во Скопје дека ја поддржуваме земјата, но сакаме решение на политичката криза. Гледам и дека денешните иницијативи за помирување не поминаа и дека еврокомесарот за проширување Штефан Филе има одлична комуникација со политичките лидери и сака решение на политичката криза во земјата. Сакам луѓето, организациите, општеството во оваа земја да сфатат колку е сериозна оваа криза и време е политичките партии да го стават интересот на земјата пред партискиот, истакна Ховит.

Известувачот во сенка од ЕП, Едвард Кукан, ја поддржа иницијативата на Ховит за одложување на гласањето на АФЕТ, потенцирајќи дека бојкот на опозицијата на Парламентот и изборите во Македонија не е начин земјата да оди напред, притоа повикувајќи ги сите известувачи во сенка утре да постигнат консензус како да се справат со актуелната ситуација во врска со нашата земја.

– Не мислам дека оваа ситуација урива се што претходно Македонија сторила во пристапот кон ЕУ, но го загрозува идниот прогрес. Се уште имам надеж дека политичарите во Македонија ќе бидат одговорни и во најдобар интерес на земјата и граѓаните ќе најдат решение. Во врска со поднесените амадмани, ќе кажам дека не поддржувам такви што ќе ја влошат ситуацијата во земјата и ќе внесат поголеми тензии во односите со Бугарија и Грција. И покрај политичкиот застој, нам ни треба охрабрувачки јазик, посочи Кукан.

Николаос Чунтис од Грција истакна дека сегашната криза во Македонија е социо-економска, посочувајќи дека во Македонија има 60 проценти на невработени млади лица. Притоа, тој рече дека само Грција не става пречки на пристапот на нашата земја кон ЕУ и дека прашањето за името не е билатерален проблем.

Британецот Чарлс Тенок, пак, го повтори својот став дека билатералните проблеми не треба да стојат на патот на пристапот на Македонија кон Унијата и дека секоја земја треба да се оценува според заслугите. Тој ја повика опозициската СДСМ да се врати во Парламентот и да не бојкотира, нарекувајќи ја таквата нивна намера нон-сенс.

– Тажно е што се држи назад оваа земја поради прашањето за името. И следниот извештај на Европската комисија трбеа да бдие позитивен со препорака за почеток на пристапните преговори, а Советот во јуни да даде зелено светло, истакна Тенок.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top