Британскиот премиер Дејвид Камерон јавно се извини за вработувањето на Енди Коулсон,поранешен главен уредник на згаснатиот неделник „Њуз оф д Ворлд“ прво, како портпарол, а подоцна и како директор за комуникации во Даунинг стрит 10.
– Исклучително жалам што го вработив (Коулсон). Тоа беше погрешно решение, рече Камерон во специјалната изјава за британската јавност.
Извинувањето на премиерот доаѓа по осудувањето на Коулсон на судењето за аферата со прислушувањето на говорната пошта на мобилните телефони на стотици познати личности во домашниот јавен,културен и забавен живот,што ја практикувале новинари и соработнци на најтиражниот британски неделник.
На судењето во лондонскиот суд Олд Бејли,на седум лица, сите обвинети за подготвување,или учествување во заговорот за прислушување,Енди Коулсон беше прогласен за виновен.
Во јули 2007 година,Коулсон беше именуван за портпарол на Конзервативната партија и на тогашниот лидер на опозицијата Камерон.Именувањето уследи шест месеци откако тој поднесе оставка на функцијата главен уредник на „Њуз оф д Ворлд“ по осудувањето на еден новинар и негов соработник, за ловење на говорната пошта на соработнци и советници на принцовите Вилијам и Хари.
По победата на изборите во мај 2010,Коулсон беше именуван за директор за комуникации во кабинетот на премиерот. Уште тогаш имаше забелешки што на таа значајна функција во Даунинг стрит 10, доаѓа човек кој е осомничен дека знаел за прислушувањето.
Тогаш премиерот Камерон го нарекуваше Коулсон како „свој пријател“ и инсистираше дека „секој има право на втора шанса“.
Неколку месеци подоцна,во 2011 година,Коулсон,сепак, мораше да поднесе оставка,под силниот притисок на опозиционите лабуристи и нивните медиуми,а Камерон сега признава дека направил грешка.Тој вели дека ја превзема целата одговорност за вработувањето на некогашниот новинар и главен уредник.
– Да знаев за прислушуањето,секако,немаше да биде вработен,но ме уверуваше дека тој нема никаква врска со прислушувањето и дека не знаел ништо за тоа, вели Камерон во својата изјава. Лидерот на опозицијата Ед Милибанд,смета дека извинувањето на премиерот не е доволно и дека тој сега треба да даде и пошироко објаснување за се она што се случувало околу вработувањето на Енди Коулсон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.