| четврток, 6 декември 2018 |

Во Русија ќе завладее фашизам

Crisis in Ukraine

Ескалацијата во Украина допрва претстои, смета поранешниот олигарх и критичар на рускиот режим, Михаил Ходоровски.

Во интервју за „Дојче веле“ тој говори за своите затворски години, како и за корупцијата и беззаконието што владеат во Русија.

– Русија и Украина мора да разговараат една со друга. Путин има одредени барања од Киев, кои сака да ги реализира. Вистинското прашање е дали потоа Украина сѐ уште ќе биде самостојна и суверена држава. Јас во тоа баш и не сум сигурен – вели Ходоровски во интервју за ДВ.

Кога се работи за санкциите против Путин и неговите соработници, поранешниот олигарх Ходоровски е скептичен дали тие мерки ќе имаат ефект. Многу поважно би било кога народот сам во свои раце ќе ја земе одбраната на Украина и ќе се спротивстави на Путин.

– Ако Украина сака да остане суверена и слободна, тогаш таа мора да ги брани својот суверенитет и својата слобода – дециден е Ходоровски.

Книга за затворските години

Ходоровски моментно се наоѓа во посета на Берлин по повод објавувањето на германското издание на книгата „Моите другари од затворот“. Поранешниот шеф на уништениот нафтен концерн „Јукос“ во 2003 година, во два судски процеси беше осуден на долги затворски казни поради измама, затајување данок и казнени логори. Од октомври 2003 до декември 2013 година бил во различни руски затвори и казнени логори.

Многу меѓународни набљудувачи се согласни дека процесите не се водени во согласност со правните норми и дека Ходоровски, всушност, бил осудуван поради своето спротивставување на политиката на Владимир Путин.

Во 2011 година Ходоровски почна да објавува колумна за рускиот опозициски весник „Новое времја“. Тие текстови сега се собрани во книга. Во нив авторот не пишува само за себе, туку и за многу луѓе кои ги сретнал во казнените логори во Сибир и Карелија и кои таму биле затворени исто како него.

– Во книгата е собран паноптикум за човековите судбини кои отсликуваат изненадувачки голем дел од руската историја – стои на кориците на книгата која е излезена во издание на куќата „Галани“. Според статистичките податоци, секој десетти Русин еднаш во животот завршил во затвор.

Корупцијата како систем

Според тврдењето на Ходоровски, моментно во Русија околу 700.000 луѓе се наоѓаат во затвор. Обичните руски граѓани за тоа не знаат ништо, исто како ни за тоа како се живее во затворите.

Тој самиот во затворот искусил како функционира системот на понижување. Таму правото и законите никој не ги почитува.

– Но, тоа во основа не е никаков изолиран феномен, во целото руско општество е така – вели Ходоровски.

Од затворот

Путин, како што вели соговорникот, по големата стопанска криза во 90-тите години и на почетокот на овој век, одлучи да ја втемели корупцијата како контролен механизам на Русија. Тоа истовремено е и основно начело на неговата надворешна политика. Тој се одлучи против изградбата на отворено општество и за воспоставување затворен систем.

Но, чисто економски гледано тоа не може да функционира, смета Ходоровски и додава дека најмногу за неколку години ќе дојде до крах или до воспоставување строг националистички и фашистички режим, а потоа до конечен крах.

Така смета Михаил Ходоровски, човек за кој германскиот печат пишуваше дека ни самиот не е  баш светец, ни Мајка Тереза. Тој беше помилуван и пуштен на слобода во декември 2013 година, шест месеци пред истекување на казната. По помилувањето тој со директна авионска линија замина за Берлин.

Сега овој поранешен милијардер живее во Швајцарија, во една вила на Циришко Езеро, за чие изнајмување месечно плаќа 9.500 евра. Кон крајот на март добил едногодишна дозвола за престој во оваа земја, каде што неговите синови одат на училиште.

Самиот Ходоровски вели дека водењето нормален семеен живот по излегувањето од затвор за него било најголем предизвик.

Дојче веле – Берлин

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top