Ирачките екстремисти што насилно зазедоа територии во Ирак може да добијат на сила и да дестабилизираат други држави во регионот, изјави американскиот претседател Барак Обама.
Во интервју за „Си-Би-Ес“, Обама рече дека ирачката јавност ја отфрла екстремистичката сунитска група Исламска држава во Ирак и во Левант, но таа група и натаму претставува закана за САД.
Ситуацијата во Ирак нагло е заострена во почетокот на минатата недела кога сунитски екстремисти и лојални на нив формации од сунитски племиња и поранешни војници од времето на диктаторот Садам Хусеин почнаа офанзива на север во државата и презедоа контрола врз неколку градови.
– Ќе мора генерално да бидеме внимателни и будни. Моментно факт е дека таа група ја дестабилизира државата, а тоа би можело да се пренесе и во држави кои се наши сојузници како што е Јордан – изјави Обама.
– Сунитскиот бунт во Ирак и соседна Сирија е само една од низата закани со кои САД се соочени – додаде Обама нагласувајќи ги Боко Харам во Африка и групи поврзани со Ал Каеда во Јемен.
– Мора да имаме стратегија која во голема мера е фокусирана и мора да обучуваме локални сили на редот и армијата за да завршат своја работа – наведе американскиот претседател.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.