| четврток, 6 декември 2018 |

Албанската полиција решителна, останува во Лазарат до уништувањето на последната садница марихуана

lazarat

Почнува да се финализира пресметката што албанската полиција пред пет дена ја почна со албанската наркомафија концентирана во селото Лазарт, околија Ѓирокастро, на југот на земјата, во која се ранети еден полицаец и неколку цивили, меѓу нив и двајца овчари од заталкани куршуми, јави дописникот на МИА од Тирана.

Од 1997 година селото се смета за бастион во кој полицијата не можеше да влезе, иако јавна тајна е дека во него годишно се произведуваат по 900 тони марихуана вредна 4,5 милијарди евра, што е една половина од БДП. Секогаш беше пречекувана со пукотници. Првпат влезе пред десет години, но, за големо чудо, не најде ништо, ни садници, ни готова марихуана.

Просечната цена за еден килограм марихуана во ова село е околу 350 евра, но со „дополнителниот данок“ од препродавачите дрогата се продава по 500 евра, која се зголемува до крајната дестинација на 800 евра за еден килограм на големо.

Според последните информации уништени се преку 80.000 стебла и садници марихуана, околу 13 тони марихуна, запленето е оружје, уапсени се 13 лица во чиишто домови се пронајдени најголемите колични дрога и оружје, а се откриени и две лаборатории за дрога.

Меѓу најпознатите наркошверцери, кој сам ѝ се предал на полицијата, е Разип Гате Махмутај (46), кој во 2001 година бил осуден на 22 години затвор токму за шверц со дрога, но по пет години минати во затворска ќелија, во 2006 година бил помилуван од страна на тогашниот претседател на Албанија, Алфред Мојсиу. Тој и понатаму ги отфрла сите обвинување и тврди дека по излегувањето од затвор се занимавал со сточарство.

Во селото сè уште се присутни 800 полицајци од Тирана,  Ѓирокастро, Фјер и Скадар, како и припадници на РЕНЕА, одредот „Делта“ и специјалци со пет блинидрани и 60 други возила, а од денес се вклучени и два хеликоптера, кои го надлетуваат селото.

Директорот на албанската полиција Артан Диди ја пренесе решеноста на полицијата за селото целосно да го стави под котрола, нагласувајќи дека остануваат сè до уништувањето на последната садница марихуана.

Според премиерот Еди Рама, спроведената акција во Лазарат високо ја подигнала главата на Албанија, бришејќи го селото од европската карта на дрога.

„Полицијата ѝ ја подигна високо главата на Албанија во Европа и го избриша Лазарат од европската карта на дрогата“ напиша Рама на „Твитер“ и побара од жителите да се солидаризираат со полицијата.

И албанските и странските медиуми често објавува инфирмации за селото „мека на марихуаната“, дека во индустријата на производството најквалитетните холандски сорти се вклучени цели семејства, а за добра заработувачка тука доаѓаа и студенти и жители од многу делови на Албанија. Дел од домашните медиуми сметатат дека наближувањето на датумот кога ЕУ треба да реши за кандидатскиот статус на земјата бил пресуден за преземање на оваа акција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top