Розе ја прекоруваше Лиле поради непартиска послушност во 2006 година. Тогаш либералдемократите очекува таа да ја напушти партијата, бидејќи од почетокот на нејзиниот пратенички мандат работела спротивно на партиската стратегија.
Не ја отстранија од партија, но ја натераа сама да го стори тоа. Тогаш генералниот секретар на партијата, Роза Топузовска-Каревска, велеше:
– Со оглед на тоа дека Поповска веќе ја почна предизборната кампања, не ја исклучувам можноста таа да се најде на некоја изборна листа, но не знам на чија.
Топузовска-Каревска објаснуваше дека ЛДП не може да ја исклучи Поповска, бидејќи тоа не е дозволено со Статутот на партијата. Доколку таа побара отстапница, коментираше Топузовска-Каревска, тогаш ЛДП ќе го почитува тоа.
Сега тоа што и се случуваше на Лиле и се случува на Розе – укор од лидерот на партијата поради партиска, или поточно коалициска непослушност. Иако СДСМ одлучи да не влезе во собрание, поради, како што велеа, непризнавање на изборните резултати, Розе Топузовска-Каревска реши да се приклучи на новиот парламентарен состав.
Сега Жерновски е разочаран од овој потег на пратеничката и смета дека со тоа е завршена нејзината политичка кариера.
– Ова е крајно разочарувачки потег од нејзина страна. Се работи за потпретседател на партија, така што тој е еден индивидуален чин којшто не ја загрозува стабилноста на партијата, но не го очекував овој момент воопшто. Оваа битка ќе биде тешка, оваа битка ќе биде исцрпувачка, имаме работа со еден противник којшто не бира средства да се пресмета со оние што не мислат исто како нив. Ако во таа битка некој нема сили да издржи, подобро е да знаеме сега, кога ја започнуваме конечната битка – изјавува лидерот на демократските либерали во интервју за Радио Слободна Европа.
Тој додаде дека иако членството бара Каревска Топузовска да се исклучи од партијата, сепак, ЛДП нема статут кој би го овозможил тоа.
– Многумина бараат да се исклучи Роза, ние го немаме тоа во партискиот статут. Оваа партија нема можност да исклучува. Не се плашам дали ќе се случува тоа и понатаму, но очигледно, ќе треба и јас подобро да проценувам карактери, дури и со луѓе со кои сум бил соработник од првиот момент во партијата – посочува Жерновски.
За разлика од ЛДП пак, коалициониот партнер СДСМ има пракса да ги исклучува членовите кои не ги спроведувале партиските директиви или ако само јавно изразиле став поинаков од партискиот шеф, и тоа особено од раководството како: Нано Ружин, Владо Бучковски, Димитар Бузлевски, Панчо Минов, Виктор Цветковски, Стевчо Јакимовски, Зоран Поповски, Тито Петковски, Михаел Младеновски, Никола Поповски…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


