| четврток, 6 декември 2018 |

Македонски лекари ќе се обучуват во врвна болница во Манчестер

На крајот од работната посета на Велика Британија, претседателот на македонската влада Никола Груевски, денеска во Манчестер го посети медицинскиот центар Кристи, кој преставува најголем онколошки центар во Европа и една од најнапредните болници за третирање и рано откривање на канцер.

Груевски оствари средба со раководството на болницата како дел од заложбите на Владата за остварување на соработка со врвни медицински центри и размена на медицински персонал со цел унапредување на знаењата и зголемување на искуството, а при посетата беше постигната согласност од страна на медицинскиот центар за обука на наши лекари во оваа болница.

-Ја посетивме врвната болница во Манчестер, тоа е државна болница и позната во цела Англија по успешноста во третмани и во рано откривање на канцер. Имавме можност да разговараме со раководните луѓе и да договориме соработка во правец на тренинг на нашите лекари за најсовремените методи пред се за третман на канцер, но ќе биде можна соработка и на други полиња, истакна Груевски.

Премиерот Груевски истакна дека болницата има 40 илјади пациенти годишно и важи за еден од најнапредните медицински центри во Англија за третман на канцер во која се лекуваат пациенти од цела држава, но и од странство. Тој посочи дека се работи за една од најнапредните болници што се гледа и во високиот процент на преживување на пациенти споредено со другите болници.

Истакна и дека менаџментот на болницата изразил согласност во иднина лекари и медицински персонал од Македонија да престојуваат и работат во оваа болница онолку време колку што е потребно за да ги изучат современите методи, како за откривање, така и за третман на пациенти заболени од канцер.

Директорот на медицинскиот центар Кристи од Манчестер, г-дин Роџер Спенсер, истакна дека болницата има долга историја на грижа за пациенти заболени од рак и на тоа поле ги има едни од најдобрите резултати.

Болницата освен со лекување се занимава и со научно истражување на нови методи во борбата против канцерот, користејќи ја најновата технологија. Тој посочи дека медицинскиот центар е подготвен да понуди пренесување на знаењата во онкологијата, како и да се стават на располагање образовните можности користејќи ги најновите медицински методи. Г-дин Спенсер истакна дека ова е добра можност за соработка и размена на медицински персонал во функција на напредок и користење на можностите кои стојат на располагање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top