Четворицата жители на Слатински Чифлик, чии куќи се наоѓаат во близина на оштетената брана на Слатинско Езеро, се евакуирани кај нивните соседи во повисокиот дел на селото. Тие се безбедни но исплашени од неизвесноста дали браната ќе издржи или ќе попушти и водата ќе го проголта сето она што со децении го граделе, објви весникот Вечер.
– Се работи за повозрасни луѓе, едно семејство од татко мајка и 45-годишен син и еден старец кој живеел сам, но сите тие се во одлична кондиција и здрави што во моментов е најважно. Се разбира, ние одлучивме да ги евакуираме поради тоа што нивните куќи се на два километри од браната и се на директен удар, изјавил за Вечер од самото место во телефонскиот разговор Митко Темелковски, раководител на охридската дирекција на Центарот за управување. Тој потврди дека во изминативе два дена и сопствениците на останатите петнаесетина куќи кои не живеат постојано во селото доаѓаат да ја видат состојбата со нивниот имот и да го заштитат колку што можат. Темелковски ги демантираше информациите дека состојбата се влошува од час во час и дека во насипот е отворена уште една пукнатина која е можно уште повеќе да се прошири и набргу да го поплави цело село.
– Сликата на теренот е иста како и вчера. Она што во овој момент се прави е регулација на водата преку одводните канали. Се испуштаат поголеми количества вода, бидејќи оштетувањата се сериозни и можно е да дојде и до нагло излевање. Нашите екипи се на терен и постојано го следат развојот на настаните. Се разбира, состојбата е под контрола и покрај тоа што од поткопаниот насип и натаму се излеваат до два кубици вода, ни рече Темелковски. Тој потврди дека засега нема нема услови за никакви интервенции врз насипот, но дека санирањето и кога ќе почне ќе биде долготрајно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



