Една од најчитаните балкански писателки, Србинката Јелена Бачиќ-Алимпиќ (46) во измината недела беше во Македонија каде што го промовираше својот последен роман „Последната пролет во Париз“, кој го издаде „Клуб Матица“. Таа е авторката на бестселерите „Рингишпил“ и на „Писмо од госпоѓа Вилма“, кои се наградени со „Златен хит либер“ и две години по ред се прогласени за најчитани и најпродавани во Србија. Истиот статус го имаат и во Македонија, каде што, според библиотеките, Бачиќ-Алимпиќ е најчитан странски писател во последните две години.
Бачиќ-Алимпиќ беше во Македонија како ексклузивен гостин на „Клуб Матица“ по повод отворањето на новиот, ребрендиран салон на „Булеварот на книгите“.
Бачиќ-Алимпиќ е познат лик од телевизиските екрани, која по 27 години работа во медиумите во Србија, на 45 години реши да даде отказ од телевизијата „Пинк“ и сега гордо го носи статусот слободен уметник. Во нејзината богата и успешна кариера стојат запишани авторски документарни емисии, кои ги работела во период од 1987 година до 1993 година за мрежата на ЈРТ и за ТВ Нови Сад. Девет години работела како новинар и уредник во „Колор прес груп“, а од 2002 година до 2013 година работела како новинар, уредник и водител на телевизијата „Пинк“. Добитничка е на многу награди за телевизиско новинарство во Србија и во регионот. Во нејзината емисија покојниот Тоше Проески ја испеа „Зајди, зајди“, која остана запишана како една од најубавите изведби на песната на легендарниот Александар Сариевски.
Свесна е за трендот новинарите да издаваат книги, да пишуваат романи, и на таа констатација одговара со фактот: „Во САД бестселерите ги пишуваат новинари“.
– Сега го правам тоа што го сакам и во кое уживам. Пишувам книги. Отсекогаш сум го сакала тоа. Јас по професија сум дипломиран книжевник и животот ме однесе во новинарството. Работев со години во печатени медиуми, потоа и на телевизија, работев и документарни емисии, долго време бев во „Пинк“, но по 27 години работа решив да се повлечам. Не е лесно да дадете отказ на 45 години. Сметам дека тоа беше храбро од мојата страна, но не се двоумев во ниту еден момент. Знаев дека донесов вистинска одлука – вели Бачиќ-Алимпиќ.
Денес Бачиќ-Алимпиќ живее во Нови Сад со семејството, омажена е и има две деца, Марко и Дуња, и зад себе богата новинарска кариера. Нејзината биографија вели дека има снимено повеќе од 5.000 емисии во кои гостувале лица од политиката, спортот, уметноста, шоубизнисот.
– Верувале или не, немам ништо зачувано од сите емисии што сум ги работела. Но, во мојата архива има само една емисија што ја чувам, а тоа е таа во која, меѓу другите, гостин ми беше Тоше Проески, заедно со Жељко Јоксимовиќ. Имам многу убави моменти за паметење, одлични колеги со кои сум работела, со кои сум соработувала. Но, најлошо е кога мора да правите компромис сами со себе. Бидејќи не можев веќе да правам компромиси, дадов отказ. На моменти, на телевизијата се чувствував како доктор Џекил и господин Хајд. Се заситив. Некои работи ги правите по задача на уредникот, некои затоа што публиката ги бара, а во некои, навистина, уживате. Затоа си заминав од телевизиските екрани –Бачиќ-Алимпиќ ја објаснува причината поради која го напушти новинарството.
Таа не ја исклучува можноста еден ден повторно да се врати на телевизиските екрани.
– Ако добијам добра, соодветна понуда, зошто да не? Но, некој проект мора многу да ме заинтригира, да понуди нешто сосема ново, поинакво од сѐ што сум работела досега, а сум работела многу различни работи на телевизијата, па и во печатот – вели писателката.
За својот последен роман „Последната пролет во Париз“ таа вели дека тоа е нејзиниот најзрел роман досега. Тоа е приказна за судбината на емигрантите од Русија, верноста кон идеолошките вредности, за тоа каде е границата на вистината и како да се пронајде храброст за да ја прифатиме и да се осознаеме себеси…
– Повеќе од две години собирав материјал и инспирација за да ја составам приказната, која зрачи со љубов, но не едноставна љубов како на маж кон жена, туку љубов кон надежта и вербата на луѓето во истата таа љубов – вели српската писателка.
Нејзиниот стил е лирски, а ликовите се полни со емоции, нивниот живот е обликуван од нивната љубовна приказна и тука нема ништо невообичаено, со оглед на тоа дека омилени писатели ѝ се руските класици со кои се дружи уште од времето на студии.
– Мојот живот го претопувам во романите. Уживам да пишувам лирски и во моите дела нема да најдете сленг, англизми, американизми. Тоа е мојот сензибилитет. Тренд е во Србија да се пишува за старлети, спонзорџики, дрога, насилство… Такво нешто нема да најдете во моите романи – вели Бачиќ-Алимпиќ.
Критиката знае да каже дека романите на Бачиќ-Алимпиќ се наменети, пред сѐ, за женската публика, но таа не се согласува со оваа констатација.
– Не мислам дека моите романи ги читаат само жени. Напротив, сметам дека имаат поширока читателска публика и дека и мажите можат да пронајдат нешто интересно за себе. Посебно во „Последната пролет во Париз“. Можеби првиот роман „Рингишпил“ е вистински љубовен роман, но следните два, сигурно, се и за мажите, колку што се за жените – завршува Бачиќ-Алимпиќ.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Ѓорги Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст