| четврток, 6 декември 2018 |

Италијанското претседателство со реален пристап кон проширувањето на ЕУ и кон Македонија

eu-mkd_g

Италијанското претседателство со Советот на Европската унија, кое почнува на 1 јули годинава и ќе трае шест месеци, ќе нема негативен пристап кон проширувањето на Унијата и на статусот на Македонија во однос на него, но ќе пристапи реално.

Ова е пораката што на денешното неофицијално претставување на приоритетите на идното претседателствување со Унијата, во зградата „Резиденс палас“ во Брисел ги претставија високи официјални лица на италијанската постојана мисија при ЕУ, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Според овие официјални лица, кои инсистираа на анонимност, рамката за оваа дискусија во следните шест месеци по завршувањето на грчкото претседателство со ЕУ, ќе се одвива на попрагматичен начин. Тие велат дека ако се остане на ниво на принципи што и како, дека не може да се најде заедничка почва.

– Со години слушаме за замор од проширувањето, но во меѓувреме почнавме преговори за членство со Црна Гора, со Србија, потпишавме договор за асоцијација со Косово, а сега има надеж дека ќе се донесе одлука и за доделување кандидатски статус на Албанија. Не гледаме можност за регата-пристап, за тоа сите земји да се движат во исто време напред во процесот, но гледаме процес во кој земји се оценуваат според заслугите и капацитетот да се приклучат на ЕУ. Не сме негативни, реални сме и тоа се однесува и на Македонија и на нејзините шанси да ги почне пристапните преговори – посочија високите извори од Италијанското претседателство со Унијата.

Сепак, оттаму потврдуваат дека ќе се обидат да ѝ помогнат на Република Македонија да напредува во евроинтеграциите, но нагласуваат „мора прво да си помогнете самите на себе“, во однос на политичките настабилности во земјата.

Има убедување дека е можно на претстојниот јунски Самит на Европскиот совет, Албанија да добие статус на земја-кандидат за членство во ЕУ, што значи дека за време на претседателствувањето на Италија со официјален Брисел, дури е можно да почне и со преговорите.

– Не се лоши шансите на Албанија да стане кандидат, еволуцијата на досието уверува – уверуваат високите извори од идното претседателство со ЕУ.

Еден од приоритетите, но и предизвиците за време на шестмесечното италијанско претседателство со Унијата ќе биде Источното партнерство и привлекувањето на дел од земјите што граничат со Руската Федерација кон Брисел. Италијанците велат дека ќе треба да се поработи на ова прашање во следните месеци затоа што има подеми и падови во овој процес. Тие посочуваат дека треба да се донесат многу одлуки и да се приспособат според развојот на ситуацијата, но дека е тешко да се каже што точно, зависно од ситуацијата на терен, но дека партнерството е на важна патека.

Една од поважните работи со кои ќе се соочи Италијанското претседателство со ЕУ е и изборот на нов претседател на Европската комисија и целиот Колеџ на комесари, ако се знае дека на претстојниот Самит на Советот, земјите-членки нема да можат да донесат одлука дали Жан-Клод Јункер или Мартин Шулц ќе го наследат Жозе Мануел Баросо

– Идеите и програмите се први, а имињата дури потоа. Затоа, нема поента да се дискутира за имиња, без дискусија за приоритети. Ќе имаме многубројни приоритети, ќе се дискутира на Европски совет, во однос на чувството што да прави Комисијата со идеите. Процесот ќе биде подолг од што се очекуваше на почетокот. Треба да најдеме централна точка што да се стори и постигне, посочуваат од претседателството.

Високите италијански извори потврдуваат и дека нема согласност во Советот на ЕУ дали во идниот состав на Колеџ на комесари да се најде место и за комесар за проширување и тој избор ќе му го препуштат на новиот претседател на Еврокомисијата. Сепак, тие велат дека ќе се заземат цврство и околу прашањето за енергетска ефикасност и независност на Унијата, со поента дека не е закопана идејата и за Јужен тек, туку смао дека треба да се „испеглаат“ некои работи со Русија околу изворите и патиштата (маршрутите).

Италијанското претседателство со Европската унија ќе почне на 1 јули и ќе трае до 31 декември оваа година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top