| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Имаме посебни мерки за вработување на младите

-Особено важно за нас е вработувањето на младите лица, за што продолжуваме со проектот за поддршка на самовработување „Од идеја до бизнис“ и формализација на постојани бизниси со неповратни средства, гранд од 3 илјади евра за секој ново-регистиран сопствен бизнис. Досега преку оваа мерка се вработени 5.806 лица, а само во 2014 година планирани се нови 950 вработувања-Ова го истакна премиерот Никола Груевски на конференцијата на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, која годинава се оддржа по 23-ти пат.

Со цел да се поттикне вработувањето на млади лица до 29 години, Владата ќе продолжи со поддршката за прво вработување- практиканство за млади невработени лица.

-Досега со мерката се опфатени 1.295 млади лица, од кои 759 се вработени. Од 2014 година започнавме и со програмата за субвенционирање на вработувањето на млади лица до 29 години- прва шанса, а започнавме и со обуки кај познат работодавач  со субвенционирано вработување. Оваа мерка ќе овозможи обука на невработени лица кај работодавач за период од 3 месеци со финансиска поддршка од 5.700 денари и субвенција за вработување за период од 3 месеци во износ од 13.000 денари со обврска на работодавачот да го задржи лицето на работа дополнителни 6 месеци, изјави Груевски.

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, подвлече и дека ќе продолжи финансиската поддршка за правните субјекти и за отворање на нови работни места во мали и средни претпријатија и занаетчии од мал обем.

-Ќе продолжиме и со програмата за обуки на напредни ИТ вештини, со мерката за ослободување од плаќање на персонален данок за работодавачот, доколку се вработи млад кадар до 29 години. Само досега се вработени околу 2 илјади лица во период од само 2 ипол месеци, што значи околу 20 до 30 лица дневно, што ја полажува успешноста на оваа програма, додаде Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top