Македонската опозиција има легитимно право да се обиде сопствената апатија и бескрајната низа од изборни порази да ги лечи со вонинституционално дејствување, но притоа мора да е свесна дека одбра мошне незгоден период за тоа. Без разлика што на внатрешен план таа не може да предизвика сериозна криза поради стабилната коалиција на власт, сепак на меѓународен план е извесно дека отсуството на пратениците на СДСМ ќе предизвика штета која директно и индиректно ќе донесе негативни последици.
Извесно е дека отсуството на политичкиот дијалог, кој го бара Европската комисија од сите земји-кандидати, а кој ќе биде забележан со годишниот извештај, ќе биде забележано во сите извештаи на меѓународните институции што се занимаваат со Македонија. Во отсуство на валидни забелешки за спроведените реформи што се критериум за влез во НАТО и во ЕУ, партнерите на Македонија ќе имаат одлично алиби да не влезат во директен судир со Грција и со блокадата што почна во 2008 година по самитот на НАТО во Букурешт.
Висок дипломатски извор од Атина за „Република“ коментира дека пред самитот на НАТО во Велс постои само една земја што реално може да се надева на членство, а тоа не е нашата земја. Единствено Црна Гора може да планира влез во алијансата, вели грчкиот дипломат што инсистира на анонимност поради сложените дипломатски релации меѓу Скопје и Атина. Според него, причината зошто Македонија нема да биде на маса е комбинација од старата официјална позиција поврзана со името, но и новата политичка криза која во Грција се именува со отсуство на опозицијата во Собранието.
Грција е свесна дека поради Украина и редефинирањето на односите меѓу големите сили, кои се зацртани уште на Јалта на релација Вашингтон – Берлин – Париз, се појавуваат неколку можности за Македонија. Агилната грчка дипломатија, која секогаш работи неколку чекори однапред, веќе со месеци работи на сузбивање на најмалите шанси за создавање критична маса меѓу земјите-членки на НАТО и на ЕУ, по која Македонија би можела да се најде на маса во Велс или во Брисел.
Може ли да се реши името без параф од опозицијата?
На јавноста сѐ уште не ѝ се јасни неколку чекори што во последните десетина месеци ги направија посредникот Метју Нимиц, со двете средби во екот на изборната кампања во земјава и во Грција, и германската канцеларка Ангела Меркел, со повикот на специјалниот претставник на ОН да објасни што точно се случува во преговорите со името. Се разбира, СДСМ не може да биде одговорен доколку и овој пат наводната меѓународна иницијатива за која пишуваат дел од медиумите не донесе некаков напредок. Сепак, стравот дека евентуалниот договор меѓу Македонија и Грција не е поддржан и од опозицијата, која еден ден кога ќе дојде на власт, би можела да го ревидира, е легитимен. Затоа се од исклучително значење јасните ставови на опозицијата и на оваа тема. Дури и да се тие кажани надвор од Собранието.
Колку и да звучи политички мотивирано или обоено, фактот што СДСМ не е во Собранието е најголемото оружје на Грција во моментите кога се обидува да им објасни на своите партнери дека Македонија е нестабилна земја која, пред сѐ, на НАТО и на ЕУ ќе им донесе само главоболки.
Откако стана очигледно дека, и покрај несогласувањата пред изборите, ДУИ ќе биде стабилен член на новата влада и дека, барем привремено, Атина нема да може да игра на најпосакуваната карта – етнички конфликт и поделба на земјата – сега грчките дипломати играат на сигурната карта – политичка криза и недостиг од демократски стандарди во т.н. добро владеење. Изјавите на грчките дипломати кога се среќаваат со свои колеги или со светски новинари се преполни со „загриженост“ за кршење на човековите права, за демократски дефицит, за политизација на судскиот систем, за дискриминација по неколку основи и, генерално, за непочитување на Копенхашките критериуми кои, според нив, Македонија веќе не ги исполнува. И главниот аргумент во тие брифинзи, како што се увери и авторот на овој текст, се изјави, прес-конференции и написи на водечки политичари и интелектуалци блиски на опозицијата. Главниот фокус на грчките дипломати веќе не се името и македонската тврдоглавост затоа што со пресудата од Хаг тоа не може да биде аргумент, туку нивото на демократија во земјата. Земјата што не признава ниту национално ниту верско малцинство на своја територија сега со сите сили се обидува да докаже дека Македонија од независноста не успеала ни за чекор да се приближи до европските стандарди иако шестпати по ред релевантните луѓе во Европската комисија формално го тврдат токму спротивното.
Користејќи ја позицијата на Андонис Самарас, кој, за разлика од Алексис Ципрас, без никаква забелешка ќе стори сѐ за да го спаси европскиот план за спас на еврото во Грција, со однесувањето на Заев сега има одлична позиција пред настаните што нѐ очекуваат до крајот на годинава. А, кризата за која зборуваат грчките дипломати не говори само за периодот од последните избори, во брифингот се говори и за насилните настани од 24 декември пред две години, како и за заканите што можеа да се слушнат од претставници на ДУИ, како и за односот меѓу Софија и Скопје. Со оглед на тоа што настаните од усвојувањето на буџетот се веќе апсолвирани со ланскиот извештај на ЕК, работите со Бугарија одат во добра насока а ДУИ се враќа на умерени пораки во јавноста, единствениот аргумент на Атина во обидот да ги урне сите надежи за добро сценарио во Велс во септември и во Брисел подоцна е одлуката на опозицијата да остане надвор од националните институции истовремено задржувајќи ги градоначалничките места. Со тоа СДСМ и неговите партнери практично се согласуваат да бидат целна група како делумни причинители на и онака лошата позиција што ја има земјава во последно време.
Европските стручњаци не исклучуваат црни сценарија
Според Европскиот фонд за Балканот и Центарот за истражување од Југоисточна Европа, постојат четири можни сценарија за иднината на Западен Балкан во ЕУ. Анализата насловена „Неисполнето ветување: проширувањето на Европската унија на Балканот“ предупредува дека нереформирањето на процесот за пристапување може да доведе до развој на негативно сценарио, кое би ги загрозило демократскиот процес и економскиот развој. Иако, генерално, процесот се гледа како позитивен, Европскиот фонд смета дека црното сценарио сѐ уште е во игра. Она што балканските граѓани не го дознаа е дека еден од резултатите на трите сценарија што значат забавување или целосен прекин на европската интеграција во Западен Балкан носи сериозни ризици од нов конфликт. Влијанието на други глобални играчи во регионот, како Русија и Турција, особено со влијанието на Москва во Србија и во Бугарија, може сериозно да ја загрози безбедноста. Аспирациите за унификација на сите албански земји на Балканот, за кои говореа официјални претставници на Албанија и на Косово, желбата за припојување на Република Српска кон Србија и нерасчистената ситуација на северот на Косово за кој Белград би можел да употреби и воена сила доколку Приштина инсистира на целосна контрола, се трите ситуации што можат да го одведат регионот во целосна неизвесност. Особено доколку Русија, засилена или незадоволна од начинот на кој се одвива процесот во Украина, се реши да отвори уште еден „фронт“ за да го ослаби фокусот на американско-европската дипломатија. Единствениот спас од ваквиот црн развој на настаните е четвртото сценарио, кое предвидува итно почнување на пристапните преговори со сите земји од Западен Балкан чија аспирација е членство во ЕУ, а тешките политички услови и билатерални прашања, наместо на почетокот на процесот, треба да се остават за на крајот од преговорите. За жал, ова сценарио е и најмалку можно затоа што, според последните анкети, дури 53 проценти од граѓаните на ЕУ се против натамошно проширување на Унијата, а само 36 проценти го поддржуваат проширувањето. Успехот на екстремнодесничарските партии на последните избори за ЕП речиси дефинитивно го закопа ова сценарио затоа што дури и умерените европски лидери сега се водат од тоа што денес го сакаат обичните луѓе, а не што е добра визија за стариот континент, што беше водечка сила последните неколку децении.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст