| четврток, 6 декември 2018 |

Италијански фестивал во Скопје

Курс за вљубеници во италијанската кујна, практична обука за професионални готвачи, презентација на италијански производи, модна ревија со италијански дизајнери, семинар за технологија за винска индустрија…

Тоа се дел од содржините на  првиот Италијански фестивал, кој ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на  Канцеларијата за економска соработка  при Амбасадата на Италија во Македонија.

Пораката на фестивалот е „Почувствувајте ја Италија со сите ваши сетила“.  Италијанскиот фестивал е традиционална манифестација, која ја организира ИЧЕ – Агенција на италијанската Влада за промоција на економската соработка, во различни земји во светот. Целта е промоција на италијански производи, италијанска култура и животен стил.

Главен партнер за организација на фестивалот е АЛМА, Меѓународната академија за италијанска кујна и најценетиот образовен институт за италијанска кујна во светот. Основана е во 2004 година од Маестро Гуалтиеро Маркези, основоположник на современото италијанско кулинарство.

Програмата на фестивалот вклучува вечери на италијанската кујна со гостување на шеф Кристијан Бролја во скопските ресторани „Воденица“, „Џино“ и „Пелистер“. Курс за љубители на италијанската кујна ќе се одржи на 15 јуни во средното угостителско училиште „Лазар Танев“ во Скопје, а на 21 и 22 јуни ќе има презентација на италијански прехранбени производи и пијалаци во „Веро центар“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top