Како шести месец во годината, јуни загатнува едно суптилно проникнување, едно мисловно патување кое почнува од питагорејското мистично акцептирање на броевите, кабалистичката интерактивна нумеричка мрежа – аналоген–магиско–прагматичен систем на просудување и делување, и, конечно, поглавјето „Откровение на светиот апостол Јован Богослов“ од Новиот Завет – бројот шест, како број што го означува човека. Триплирана (соодветно на тројството) тоа е бројка на ѕверот (нечестивиот). И самиот збор жетвар содржи нешто антропоцентрично, никој во природата не жнее, освен „двоножецот без перја”, како што цинично ќе биде наречено ова шизофрено суштество, овој „храм Божји”, овој спој на земјата и небото – од страна на античките софисти по потекло од југоисточна Европа.
Јуни е, пак, општонаметната латинска варијанта (ах тие Латини…) и доаѓа од паганското божество Јунона (Хера на старогрчки), ќерката на Сатурн и Реа, сестрата на Јупитер (Зевс), возгордеана, завидлива, подмолна и одмаздољубива жена… Астрономски – тоа е мал планетоид што се наоѓа помеѓу Марс и Јупитер, откриен 1804 година…
Јуни е делител на годишниот циклус, тој е кулминација на потентноста – јунец, млад бик (во вавилонската традиција еден од релевантните астролошки периоди и симболички парадигми), Јуноша или Јункер (јungеr Herr) – млади и милитантни офицери од времето на Kајзер Вилхелм II – промотори на антисемитизмот и на политиката на ѕвекање со оружјето…
Јуни е ејакулативен месец, тоа е време на екстрем, време кога еден состав ја доживува својата највисока точка, по што следи своевиден колапс. Тоа е еден вид усвитување и експлозија. Експлозија. Таа стара експресивна фасцинација на човекот, сугестивна до степен на имплементација во самите хтонски структури на поимањето и во научно-дијалектички и во религиозен смисол. Од Големиот прасок (на Кант-Лапласовата хипотеза), па наназад до предисториското вџашено поклонение пред силата на громот, експлозијата е феномен што непрестајно го окупира вниманието на човека. Таа неспоредлива сила и разорност во историскиот период на човештвото стана опсесија на најпотентните интелекти. Во времето кога виртуелните простори на колективната свест беа во голема мера антропоморфирани, виртуелниот имитатор на природата – човекот, доби неподнослива желба да завладее со експлозијата, да биде подобен на своите идоли, кои така разметливо се плескаа со експлозии по небото, вешто затскриени зад облаците… а потоа дожд – празнење… конципирање на животот… ултимативно добро, на веќе раширениот култ на плодноста.
Кога древните Кинези го открија барутот и станаа суверена воено-политичка сила во југоисточна Азија, Европејците конструираа катапулти, кои беа во состојба на противничката групација да ѝ испорачаат потпалена кожна мешина, полна со запаливи смоли или петролеј. Еден вид екскатапултиран Молотов коктел, кој при приземјувањето се распрскува и потпалува, предизвикувајќи болка и паника во редовите на непријателот. Од друга страна, супериорноста на старата кинеска цивилизација, што меѓу другото се должеше и на владеењето со моќта на контролираната експлозија, падна во извесен тип на хибернација, што најмногу произлезе од непремостливите културни дискрепанци, што Кинезите ги видоа во контактот со варварските соседи. Апатичната десперираност на империјалните протагонисти во однос на понатамошната „експанзија”, ги воведе во чудесен повеќевековен аутизам, чиј симболички артефакт е тој неверојатен ѕид – апсурден споменик на културната исклучивост и расизмот… или, пак, обид за Pax Mundi стратегија, гигантски напор за неколку столетија мир, сепарација, која треба да воспостави поредок помеѓу добрите и лошите, помеѓу ѕверовите и луѓето. Штит, што разбојничките народи не можат да го пробијат со своите анахрони оружја. Сепак, еден ден Монголите успеаа да го пробијат, а нивниот Кан – Кублај, да завладее со царството на Кинезите. Со тек на времето ќе бидат тормозени и од Британската (опиумски војни, боксерското востание) и од Јапонската империја (окупацијата на Манџурија)… Подоцна се изградени и други ѕидови, како Берлинскиот, на пример, или оној што го изградија Израелците (покрај оној на плачот), кој треба да ги изолира палестинските луѓе-бомби и да ги држи понастрана од еврејските градови, трауматизирани од ненадејните суицидални експлозии на одмаздољубивите жители на новонастанувачката палестинска Кафез-држава, во која, пак, се пука од неподносливото количество фрустрации.
Тврдењето, дека ренесансата почнала со генијалните творци Џото, Мазачо, Данте, Петрарка, Бокачо, е елитистичко, исфорсирано од мала културолошка групација хуманистички пропагандисти, позиционирани во академските бастиони. Всушност, почетокот на ренесансата е предизвикано од колапсот на старите бастиони на моќ (падот на Византија), како последица од примената на новиот милитаристички инструмент – топот. Ова ново оружје ги фасцинираше тогашните претенденти на власт до лудило. Дури и некои ремек-дела на скулпторската уметност на тоа време, само поради тоа што беа направени од бронза, беа деструирани и префабрикувани во топови и ѓулиња (за рушење на ѕидовите на дискриминацијата). Дури и во препораките за вработување (портфолиото) на Леонардо да Винчи, 95% од компетенциите му се посветени на военото и стратегиското инжењерство, а само бедни 5% на сликањето, цртањето и другите уметнички способности.
Со помош на контролираните експлозии од страна на шпанските конквистадори беше уништено царството на предколумбиските американски култури… Всушност, како целата историја да е исполнета со некакви експлозии, сè појаки и појаки, сè поразорувачки и поразурнувачки, сè до атомските бомби (Опенхајмер-Менхетн-проект), испробани по прв пат врз веќе капитулираната Јапонија (Хирошима и Нагасаки). Две мали сончеви експлозии, фрлени врз два мали света на успиени граѓани…
Пред нас, како вид, е долг еволутивен пат, една борба со стравотна гравтација на стихиското во нашиот колективен ум. Секако, доколку евентуалниот глобален конфликт (на цивилизациите – од Нострадамус до Ханингтон) не нè воведат во едно сосема ново време, во постатомскиот холокауст, кога можеби оние неколку проценти преживеани, конечно ќе заборават на магичната привлечност на експлозијата и следниот конфликт ќе го решаваат со стапови (Ајнштајн). Или, пак, во грозничавиот обид повторно да ја превземат планетата од измутираните инсекти и рептили, таа борба ќе се пренесе на генитален план, во смисол на продуктивност, фертилитет, на задоволство на сите… што веруваат во триумфот на човечки конципираната протоплазма.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст