Косата и кожата на главата заслужуваат посебно внимание. Безразлика дали проблемот е мал или голем, помошта од специјалист е секогаш добредојдена.
Доктор Елена Арсова, трихолог во центарот за здравје на косата „101 Hair Care“, смета дека убавината на косата има свој рок на траење и дека советите за добра грижа се и повеќе од потребни.
Зошто е потребен центар за здравјето на косата кај луѓето во Македонија?
Арсова: Проблемите со коса, независно дали е опаѓање, мастење,перут, седа коса, се многу застапени. Преваленцата на најчестата форма на опаѓање на косата, наследната ќелавост е 16-96% зависно од возрасната група. Двајца од тројца мажи и една од четири жени имаат проблем со ќелавост во светот. Сепак, Македонците се грижат за својот изглед. Затоа ние како специјализиран центар за здравјето на косата им овозможуваме на пациентите во секое време да се обратат за помош и совет затоа што за нив тоа е од огромно значење.
Како трихолог, кој беше предизвикот да се започне со работа со оваа професија?
Арсова: Косата не е само атрактивна од естетски аспект туку е интересна и од медицински аспект. Изгледот и здравјето на косата е одраз на целокупното здравје. Хормонален дисбаланс, неадекватна исхрана, стрес, лекарства и ред други работи, имаат директно влијание на косата. Честото повикување на тоа дека губењето на косата е само наследно и не може ништо да се направи, ми беше вистинска провокација и предизвик да покажеме дека медицината напредува во секој сегмент вклучително и трихологијата, всушност дека решение за опаѓањето на косата постои.
Постоите веќе втора година, како е прифатен центарот од страна на граѓаните, колку имаат потреба за посета на ваков центар?
Арсова: Граѓаните полека се навикнуваат да побараат мислење од стручни лица за здравјето на нивната коса. Нашата цел е да ги поттикнеме да се обратат кај нас за било кој проблем со косата, независно колку проблемот за нив изгледа мал или голем. Понекогаш само совет е решението, во други случаи потребна е кратка терапија, a некогаш комплетна и сеопфатна терапија. Нашиот пристап со следење на пациентот и резултатите од третманот му дава транспарентност на третманот што особено им се допаѓа на пациентите.
Мажите или жените, кој има поголеми проблеми со косата?
Арсова: Различни форми на опаѓање доминираат кај едните или другите луѓе. По статистиката која и претходно ја спомнав, кај мажите секако е позастапен проблемот со наследното опаѓање на косата, но и перутот претставува почест проблем кај мажите. Меѓутоа, кај жените се јавува опаѓање на косата како последица на диети, хормонални промени, породување, стрес, хемиски третмани на косата .
Како ги утврдувате нивните проблеми, каков е еден преглед?
Арсова: Прегледот освен основните тестови опфаќа и специфична трихолошка анализа на косата и скалпот, со која може да се установи формата на опаѓање, промените на влакното, типот на скалп, бројот на влакна на сантиметар квадратен, дебелината на влакното. Исто така, нашиот софтвер овозможува следење на растот на косата, поточно згуснувањето на косата и споредување на резултатите со почетната состојба што е секако од особено значење за пациентот.
Зошто на мажите на сѐ помлади години им опаѓа косата?
Арсова: Новата статистика го потврдува тој тренд дека на мажите во помлади години им опаѓа косата. Токму, прерано губење на косата кај мажите се јавува уште во 20-тите години од животот. Објаснувањето за преранот опаѓањето на косата кај мажите е неправилната исхрана поточно брзата храна, пороците како консумирање алкохол и пушење на цигари, исто така допринесуваат стресот и неспиењето. Сите овие фактори се виновници ослабнувањето на косата порано да се манифестира, особено кај генетски предиспонираните личности за губење на истата. Начинот на живот се одразува не само на нашето општо здравје туку и на здравјето на косата.
Со кои проблеми со нивната коса се соочуваат жените?
Арсова: Жените исто како и мажите имаат проблеми со опаѓање на косата, иако причините за опаѓање кај нив се најчесто врзани со хормонални промени, нутритивни дефицити или здравствени проблеми. Меѓутоа, кај жените се јавуваат и проблеми со косата кои се резултат на хемиското, механичкото и термичко оштетување на косата, поточно, често фарбање на косата,врзување и фенирање на косата. Како резултат на тоа се јавува оштетување на косата кое е повеќе од естетски карактер, а косата изгледа безживотна, без сјај и без волумен, што не е прифатливо за ниту една жена. Убавата коса секогаш била круната на главата кај жените.
Интересно е дека сезонски децата имаат вошки, на кој начин ги решавате таквите проблеми?
Арсова: Вошливоста не треба да не плаши. Постоела од античко време, а очигледно нема брзо да исчезне. Меѓутоа , за среќа има се поефикасни начини за справување со нив. Роби чешелот е многу интересна иновација, која се базира на “убивање“ на вошките со електричен импулс. Така вошките сигурно нема да преживеат, затоа што проблемот последните години беше што вошките развија резистенција на класичните пестициди кои се користат во шампоните за вошки. Затоа науката го понуди ова ново и пред се 100% ефикасно решение за секоја мајка која сака сигурно и безбедно да му ги исчисти вочките на своето дете.
Кои се причините за проблеми со косата кај граѓаните?
Арсова: Сите знаеме дека гените детерминираат многу карактеристики на нашата коса, како и опаѓање на косата. Но, тука се вклопуваат и други фактори. Дихидротестостеронот (ДХТ) е соиграчот на гените во развојот на наследната ќелавост како кај мажите, така и кај жените. Но, анемијата, тироидните хормони, половите хормони, медикаменти, стресните ситуации, но и неправилната исхрана, неадекватната нега на косата, придонесуваат за дифузно опаѓање на косата. Значи освен гените постојат и фактори кои можеме да ги следиме и да ги контролираме.
Какви совети им давате на граѓаните за да си го подобрат здравјето на косата?
Арсова: Грижете се постојано за вашата коса! Убавината на косата не ни е дадена еднаш за секогаш. Кога ќе забележите негативни промени на косата, оштетување, безживотност, опаѓање, реагирајте веднаш и барајте помош од стручни лица-трихолози. Ако ве мачи перут, мастење, чешање, не чекајте, туку решете го. Навремениот третман е предуслов да ја задржите густината и квалитетот на вашата коса.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.