
Многумина пред почетокот на Канскиот филмски фестивал, но и по свеченото отворање го поставија прашањето: Дали овој и ваков филм е соодветен за свеченото отворање на Канскиот фестивал? А зошто да не, сметаа други. Кан, всушност, одигра клучна улога во животот на Грејс Кели. Таа својот принц го запозна токму тука, кога во 1955 година го промовирала филмот „Провинцијалка“, за кој доби „Оскар“, а веќе следната 1956 година стана нејзиното височество Грејс од Монако. Но, засекогаш ќе остане запаметена нејзината изјава: „Идејата за мојот живот како во бајка, е бајка сама по себе“.
Бајката за принцезата во златен кафез, филмот „Грејс од Монако”, е раскошна дворска сапунска опера, која, и покрај сѐ, ќе има комерцијални ефекти и на американскиот и на европскиот пазар. Уште на самата најавна шпица е нагласено дека филмот е производ на фикцијата на авторот, а не вистинска документаристичка реконструкција на животот на легендарната холивудска актерка, и тоа тој дел од животот кога во најцелосна смисла го остварила американскиот сон, станувајќи принцеза на старото европско Кнежевство Монако. Со мажачката за принцот Рение Трети од Монако, Грејс Кели се развела од Холивуд. Тие два брака никогаш не оделе заедно. Глумечко-државничка бигамија во стариот европски дворец никогаш не била дозволена. Меѓу другото, за тоа говори и овој филм во кој фокусот на Дан е насочен на неколку клучни месеци во текот на 1962 година, кога двојката Рение и Грејс, секој на свој начин, се соочува со брачна, професионална и државничка криза. Рение со сите средства што му се на располагање се бори против намерата на францускиот претседател Де Гол да го анектира Монако, Грејс Кели за прифаќање од страна жителите на кнежевството, но и со своите внатрешни демони (нерешените односи со татко ѝ и со мајка ѝ), со предизвикот за враќање на Холивуд (Алфред Хичкок ѝ нуди улога во „Марни“), а најмногу за сопствената рамноправност и за правото за слободно искажување на сопственото мислење. Во таа смисла сцената на нејзиниот говор на познатиот хуманитарен бал на Црвениот крст во присуство на Де Гол и на американскиот државен секретар за одбрана Макнамара е круцијална и катарзична.

Филмот е спектакуларна фреска од 23 милиони евра
Филмот „Грејс од Монако“ има огромен буџет од 23 милиони евра сѐ со цел да го постигне раскошот и вистинската слика за времето што го прикажува. Посебна атракција е бродот, долг 100 метри, изнајмен поради претставувањето на јахтата на Оназис, на која била одржана прекрасна забава. Марија Калас, која ја глуми шпанската актерка Паз Вега, и славниот грчки сопственик на бродови и препродавач на оружје, биле мошне блиски пријатели на Рение и на Грејс. Костимите и декорот се изработени до најситен детаљ. За нив била ангажирана кореографка, која се грижела за етикетите бидејќи не смеело да се направи ни најмала грешка поврзана со протоколот на принцот, кој бил привлечен, комплициран, но истовремено строг во латинските семејства на европското благородништво, дури и во 20 век.
Филмот веќе предизвика контроверзии бидејќи режисерот Оливие Дан влезе во конфликт со семејството на Грејс Кели, но и со американскиот дистрибутер Харви Вајнстајн, кој сакаше филмот повеќе да се фокусира на холивудската кариера на Кели, додека нејзините деца рекламниот спот го нарекоа „фарса“ и го обвинија режисерот дека ја „украл“ семејната историја за комерцијални цели.

Кнежевското семејство Грималди, кое владее со Монако, го бојкотираше филмот, кој говори за животот на принцезата Грејс. Нејзините деца, принцот Алберт и неговите сестри Каролина и Стефани, сметаат дека ова остварување, кое беше прикажано во Кан надвор од конкуренција, се базира на лажни историски и на сомнителни литерарни премиси.
Помалата сестра, принцезата Стефани, бесно истакнува дека тој филм не смеел никогаш да биде снимен и дека таа, сигурно, нема да го гледа.
– Тој филм не претставува фалба за Монако, ниту за еден голем човек каков што беше татко ми, принцот Рение – наведува Стефани.
Обвинетата страна, пак се труди да ги смири страстите.
– Знам дека се лути. И јас би била лута доколку стануваше збор за мојата мајка. Децата имаат должност да ги бранат и заштитуваат родителите. Оттаму, го сфаќам нивното незадоволство. Не можам да речам ништо друго, освен дека имам големо почитување и дека сум одушевен од нивната мајка. Филмот нема намера да биде биографски. Многу внимавав да прифатам и да почитувам сѐ што е реално и вистинито во таа приказна – изјави актерката Никол Кидман, која ја толкува насловната улога.
Францускиот режисер Оливие Дан изјави дека е „навреден“ од нападите на семејството Грималди. Тој потсети дека никогаш не претендирал да сними биографија за Грејс Кели.
– Нема ништо спектакуларно ниту бомбастично во мојот филм. Ништо за што би требало да се прави драма, објаснува режисерот за еден француски весник. Постојат вистинити и фиктивни настани. Јас сум уметник, а не историчар – истакнува тој наведувајќи дека има право на фикција.
Кралското семејство од Монако е вознемирено од одредени елементи од претстојното филмско остварување „Грејс од Монако“, па токму затоа не присуствуваше на премиерата. Тие побарале да го гледаат филмот непосредно пред премиерата, но продуцентот Пјер Анж ле Погам го одбил барањето.
– Принцот Алберт е лут поради филмот. Тој е загрижен дека Грејс ќе биде величена, а принцот Рение ќе биде опишан како слабак и лидер само на едната страна, а, згора на сѐ, и како маж што ја контролира својата жена. Алберт стравува дека филмот ќе го омаловажи и озлогласи неговиот татко. Но, Пјер реши да не го прикаже филмот специјално за кралското семејство, како и да го одбие нивното барање за измени – велат упатените.

„Картие“ дизајнирал копии од накитот на принцезата за филмот
За што поточно да ја отелотвори принцезата Грејс, за Никол Кидман со големо внимание се одбирала облека, но и накит, со кој принцезата била опсипувана. Поради тоа била ангажирана позната куќа „Картие“, која специјално за филмот дизајнирала реплики од накитот што го носела Грејс Кели како подарок од својот сопруг Рение Трети. Скапоцените брошеви, обетки, ѓердани, тијари, како и прстенот со камен од 10,47 карати, може да се видат на Никол Кидман во филмот. „Картие“ со особено внимание му пристапил на проектот. Пред да почне со изработка на копии на славниот прстен, кој Рение Трети ѝ го подарил на Грејс, само три дена од првата средба, познатата куќа за изработка на накит побарала посебна дозвола од Монако.

Странските медиуми нагласуваат дека односите меѓу семејството и авторите на остварувањето не се подобрени откако минатата година, уште пред да почне снимањето, семејството ја доведе во прашање вистинитоста на филмот.
– Кралското семејство сака да нагласи дека филмот не е биографски. Тој прераскажува една непотребно нагласувана страница на историјата на Монако и ова семејство, со големи историски пропусти и измислени, фиктивни сцени – се вели во официјалниот коментар од кралскиот дворец.
Грејс Кели е американска актерка, која со свадбата со кнезот Рение Трети во април 1956 година стана принцеза Грејс од Монако. Истата година е прикажан последниот филм на Кели, музичката комедија „Високо општество“ (High Society), базиран на комедијата од 1940 година, „Приказната Филаделфија“. Таа се смета за една од најголемите икони на филмската уметност и на модата на сите времиња. Почина на 14 септември 1982 година, кога изгубила контрола врз своето возило доживувајќи мозочен удар и се судрила. Нејзината ќерка, принцезата Стефани, била во автомобилот со неа и ја преживеала несреќата.
Во јуни 1999 година, Американскиот филмски институт ја постави на 13. место на својата листа за врвни женски ѕвезди на американското кино.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 90. број на неделникот „Република“, 23.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


