| четврток, 6 декември 2018 |

г.г. Стефан би посредувал во помирување на политичарите

Поглаварот на Македонската православна црква-МПЦ г.г. Стефан повика на единство меѓу луѓето и додаде дека до него не стигнало барање да посдува за помирување на политичарите

 

g.g-stefan-23– Едно од основните учења на црквата е единството меѓу луѓето. Мајката Македонска православна црква секогаш кога ќе почувствувала дека тоа треба да го прави, го правела и ќе го прави. За време на Божиќните чествувања ја акцентиравме потребата од единство на нашиот народ и затоа сметам дека еден од најголемите непријатели што може да ни бидат и што тоа во историјата се покажало многу често, а и како да ни се повторува, е токму таа меѓусебна недоверба, поделби и расправии. Од Битола испраќам апел до сите што се повикани да го градат, да го чуваат и да го создаваат единството, истакна Архиепископот г.г.Стефан на денешната Света Златоустова литургија во Храмот „Св. Богородица“ во Битола.

Запрашан дали би се одзвал на барањето да посредува за помирување на одредени личности кои влијаат во јавниот и политичкиот живот на државата, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан посочи дека досега официјално барање за таков ангажман нема.

– Досега не пристигнало такво барање, но сметам дека сите сме повикани да помогнеме таму каде што можеме за да тоа се случи. Црквата нема да откаже од својата улога, потврди Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан.

На денешната средба со новинарите во Битола поглаварот на МПЦ-ОА ги анализираше и јавно искажаните ставови и недоразбирањата меѓу митрополитите г. Петар и г. Тимотеј како членови на Светиот синод на МПЦ.

– За жал такви нешта се случуваат и во Црквата, но денешната богослужба потврди дека ако има различни мислења, ставови, впечатоци или сеќавања дека иднината и сегашноста можат заедно да помогнат да се надминат некои случувања и во највисокиот врв на МПЦ. Јас мислам дека Австралија е прекрасна можност и прилика за двајцата митрополити заеднички да го сочуваат и да го залечат потребното единство меѓу Македонците во Австралија, истакна Архиепископот Г.г.Стефан.

Митрополитот г.Тимотеј, пак, кусо изјави „јас немам ништо против г.Петар, а верувам дека и тој нема ништо против мене“. г.Петар, од друга страна, истакна „се што сум кажал порано, сум кажал, но верувам дека во иднина ќе биде добро“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top