
Претставата „Лет над кукавичиното гнездо“, во режија на Александар Морфов, а во продукција на националниот театар „Иван Вазов“ од Бугарија, од 20 часот вечерва ќе се игра на сцената на Македонскиот народен театар, во рамките на „МНТ фест“. Покрај режисерот Морфов, во Скопје доаѓаат над 25 актери од бугарскиот ансамбл со три камиони сценографија.
Петставата „Лет над кукавичиното гнездо“ режисерот Морфов ја работел според истоимениот роман на Кен Кејси, објавен пред четириесетина години, но во претставата нуди своја визија на ова дело.
– Основната идеја на претставата е максимално да се излезе од клишето на истоимениот филм од Милош Форман, бидејќи таа е работена според оригиналното дело на Кен Кејси, но и да го најдеме нејзиното современо значење денес. Се покажа дека тоа не е толку тешко, бидејќи романот на Кејси и денес е актуелен, четири децении од неговото објавување – објаснува Морфов.
Според него, основно прашање што го покренува оваа приказна е: што е тоа што му е потребно на еден човек за да биде доследен на себе.
Главната улога во претставата ја толкува Дејан Донков, еден од најголемите актери во Бугарија.
– Тој толку длабоко навлезе во улогата, што сега навистина му е тешко да игра други претстави – додава Морфов.
Претставата „Лет над кукавичиното гнездо“ премиерно била изведена пред четири години и досега имала над 100 изведби. Поради големиот интерес таа сѐ уште е на репертоарот на „Иван Вазов“ и постојано се игра во полни салони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


