Процедурите се јасни. Изјавите на опозицијата дека насила се држени во Парламентот експертската јавност ги оценува како смешни и несериозни, пратениците на СДСМ доколку немаат намера да ги прифатат мандатите треба да си поднесат оставки и никој не може да ги спречи во тоа, пишува Курир.
СДСМ викендов интензивно ги разгледуваше можните опции и следните чекори со кои ќе може да ја ефектуира партиската одлука за откажување од мандатите на нивните пратеници. Без да прецизираат кои се нивните понатамошни чекори, од “Бихаќка” молчат за тоа кога ќе ги депонираат оставките, кои засега се чуваат во партиската централа.
Експертите велат дека СДСМ ќе користи секакви трикови за подолго да остане ваква статус кво ситуација со цел да се оддржува внатрепартиски мир и со фактот дека пратениците ќе си земаат дел од платата.
Управниот суд во петокот го отфрли барањето на СДСМ да се поништи верификувањето на мандатите на нивните пратеници. Судот во законски утврдениот рок, констатираше дека “тужбата на СДСМ е недозволена”, со образложение дека пред Управниот суд не може да се поведе управен спор за работи, за кои врз основа на уставните овластувања, директно одлучува Собранието”.
Правните експерти и претходно укажуваа дека спорот за мандатите не е во надлежност на Управниот суд. Тие велат дека не само Управниот, туку ни Уставниот суд не може да го реши спорот со мандатите на СДСМ, по што останува решението да се бара низ политички дијалог, велат правни експерти.
Новаковски: Зошто пратениците на СДСМ не си поднесат оставки?
Поранешниот претседател на ДИК од редовите на СДСМ, Александар Новаковски смета дека Собранието на Република Македонија ги верификуваше мандатите на пратениците на СДСМ согласно уставот. Верификацијата на мандатите, посочи тој, е врз основа на конечниот извештај на Државната изборна комисија. Конечниот извештај на ДИК е доставен до Собрание, го расправале на седница и тој е во точка на дневен ред.
Новаковски праша зошто сега не следат оставки бидејќи не слушнал некој да достави оставки.
-Ние имаме системи каде мандатот се враќа до ДИК, кај нас не. Кај нас се враќа до Собрание. Овој термин “неприфаќање на мандат“ е многу редок термин. Има земји каде не може да се врати мандат. Во нашето законодавство тој термин го нема и строго е предвидено, затоа јас тоа го сметам за преседан, предвидено е дека треба да се даде оставка. Кај нас беше толку строго да оставката мораше и лично на седница да ја даде пратеникот, смета екс-претседателот на ДИК од редовите на СДСМ.
Новаковски посочи дека со тужбата која ја доставува, опозицијата побива дека се верифицирани мандатите иако имало изјави заверени од нотар.
-Мандатите се верификувани врз конечен извештај на ДИК. Верификационата комисија во моментот кога предложила да се верификуваат мандатите, предвидено е во законот-доколку има дилема околу одредени мандати, може да бара мислење од ДИК, рече тој.
СДСМ покажа елементарно непознавање на првото
Професорот по уставно право Светомир Шкариќ, вели дека за решение е потребен конструктивен политички дијалог. Според него, поради ваквата состојба, секое впуштање во правна процедура е изгубено време.
-Законот за судовите од 2006 година го овластува Управниот суд да решава и за изборни спорови. Но прашање е дали верификувањето на мандатите може да се смета за изборен спор, бидејќи во Уставот има изричита одредба со која се предвидува надлежност на Собранието да врши верификацијата на мандатите. Значи, овде не станува збор за оценка на законитоста, туку на уставноста, а Управниот суд не може да ја оценува уставноста. Но, во овој случај и Уставниот суд ќе има проблем по прашањето дали верификацијата на мандатите е општ или поединечен акт. Според досегашната практика, Уставниот суд на такви одлуки гледа како на поединечен акт и проблемот повторно нема да се реши. Ќе се прогласи за ненадлежен, како што го стори тоа и во 1996 година, кога одби да ја оценува уставноста на заклучокот на Собранието, со кој е отфрлена иницијативата потпишана од над 170.000 граѓани за распишување предвремени парламентарни избори, со образложение дека тоа е поединечен акт”, објаснува професорот Шкариќ.
Професорот Саво Климовски вели дека за овој проблем нема правно решение, туку е потребен политички договор.
-Лично, мислам дека кон овој правен проблем треба да се пристапи од политички аспект и треба да се согледаат сите аспекти за да се смири и да се надмине политичката ситуација. Пратениците од СДСМ може да поднесат оставка. Исто така, ако шест месеци не се појават на ниту една седница во Собранието и не ги оправдаат нивните отсуства, тогаш Парламентот има право да предложи отповикување од функцијата, смета Климовски.
Професорката Татјана Каракамишева- Јовановска во изјава за Курир вели дека дури и на студентите во прва година на Правен факултет им е познато дека одлуката на Собранието на РМ не може да биде предмет на оценка пред редовен суд, каков што е Управниот суд. Од друга страна, челниците на СДСМ со овој потег, покажаа елементарно непознавање на правото во Македонија.
-Оттука, станува јасно дека СДСМ со ваквите тужби и бомбастични најави за наводно спасување на правната држава и на правниот поредок од диктаторската власт е едноставно купување на време, предизвикување на состојби на тензии и притисоци врз сите во РМ кои не ја прифаќаат нивната политичка игра на создавање правен смут во државата и политички пресврт без мнозинската волја на граѓаните, вели Каракамишева- Јовановска.
Во ВМРО-ДПМНЕ зачудени од однесувањето на СДСМ
Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ се зачудени од ова однесување на СДСМ, велат партиски извори. Тие предупредуваат дека поради ваквото однесување на опозицијата, можно е одземање на препораката за преговори.
– Ова што го прави СДСМ е голема штета за државата и може да резултира со одземање на препораката заради нивното неодговрно однесување, но ако СДСМ веќе одлучил да си оди од Собрание има процедури и законски постапки како тоа може да се направи и тие тоа добро го знаат. Тезата дека СДСМ со сила некој го држи во Парламентот е смешна и тотално нетоќна туку само нивни обид да купуваат време, велат извори од ВМРО-ДПМНЕ.
Експертите се децидни дека ова што СДСМ го прави е лошо за државата и ќе нанесе огромна штета на нашите меѓународни позиции и државни интереси и ќе го користат сите оние кои сакаат Македонија да е блокирана, а СДСМ со деструктивните чекори директно им помага во таа намера.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.