
Премиерот на Русија Дмитриј Медведев денеска ќе го посети Крим за време на одржувањето на претседателските избори во Украина. Тој, според АФП, сака да ја потврди руската сопственост на полуостровот, кој се анектира во март.
За време на дводневната посета Медведев ќе ги посети имиграциските служби во Севастопол, каде локалните жители веќе издаваат руски пасоши. Утре тој ќе го посети детскиот центар „Артек“ на Црното Море. Центарот беше урнат и се очекува руските власти да ја започнат неговата реконструкција, заедно со уште неколку проекти во регионот.
Анексијата на Крим од страна на Русија беше осудена од страна на западните лидери. Овој потег и наводната поддршка на Русија кон добро вооружените сепаратисти во Источна Украина силно ги затегнаа односите меѓу Москва и Западот.
Првата посета на Медведев на Крим беше на крајот на март. Претседателот Владимир Путин присуствуваше на прославите во регионот по повод денот на победата 9-ти мај. Тогаш тој изјави дека „враќањето на областа кон Русија обновува една историска вистина“.
Над 36 милиони Украинци денес ќе гласаат за нов претседател на изборите кои се од витално значење за опстанокот на нивната земја која се соочува со сепаратистички бран во источните региони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


