Со многубројни манифестации денеска во Делчево се прославува 24 Мај, Денот на сесловенските просветители и покровители на оваа општина.
Утинската богослужба и литургијата ја чиноначалствуваше митрополитот на Брегалничката епартхија Иларион во сослужение со повеќе свештенослужители од архиерејските намесништва од Штип и Делчево.
Од новата црква до местото на некогашната урната црква во дворот на Гимназијата црковно- народната литија ја предводеа Владиката Иладион и градоначалникот на Делчево Дарко Шехтански.
Таму беше осветена вода и прекршен славски колач.
– Рамноапостолите, Св. Кирил и Методиј, делувале и во овој крај во горниот тек на реката Брегалница. Тие се творци на нашата и сесловенската писменост и култура, која преку нивните ученици светите Климент и Наум и нивните следбеници опстојува до денешни дни – рече во својата беседа митрополитот Иларион.
Тој се заложи и во основните училишта во Делчево и околината да се овозможи младите генерации да се воспитуваат и учат на христијанските доблести и на Кирило- методиевската традиција, а тоа, како што рече, најдобро може да се прави со воведување на предметот веронаука.
Празникот „Св. Кирил и Методиј„ годинава по трет пат Делчево го прославува и како празник на своите покровители, во чија слава е изградена нова црква, именувана со нивните свети имиња, како и онаа урнатата во едноумието.
Во селото Киселица денеска се одржува голем црковно-народен собор, каде доаѓаат илјадници верници и почитувачи на делото на солунските браќа.
Попладнево и вечерва во чест на празникот Националната установа за култура „Никола Јонков Вапцаров“ и КУД „Гоце Делчев“ организираат богата културно-забавна програма.
Празникот се прославува и во соседна Македонска Каменица. Таму општинското основно училиште „Св Кирил и Методиј„ го прославува патрониот празник, а на градскиот плоштад гостите ќе ги забавува Каролина Гочева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.