Во решавачкиот натпревар за пласман во големото финале Работнички успеа да го победи Кожув во серијата до две победи на домашен паркет со 79-66. Победата на четиринаесеткратниот шампион на Македонија не дојде во прашање во ниту еден момент од средбата. Избраниците на Емил Рајковиќ сериозно ја сфатија работата уште од првата минута во натпреварот по големиот пораз во Гевгелија од 36 разлика. Брзо поведоа со девет коша разлика (17-8), но во финишот од првата четвртина по тајмаутот на Кожув се опуштија и разликата беше стопена, дури во еден момент и губеа со два разлика (21-23).
Во вториот дел Работнички направи серија од 17-2 и дојдоа до водство до полувремето со 38-25. Ангажираната игра на двата краја од теренот играчите на најтрофејниот клуб во Македонија продолжи и во второто полувреме за во еден момент од мечот водат и со високи 21 коша разлика. Доминацијата се одрази и во скоковите под двата коша. Работнички успеа да собере дури 42 скока наспроти 22 на гостите од Гевгелија.
Доминантен во тој период од играта беше Душан Кнежевиќ кој на неколку наврати со забивања ја крена цела сала на нозе. На крајот од натпреварот тој имаше дабл-дабл учинок од 25 поени и 12 скока. Симоновски додаде 12 со четири тројки, а Дарко Соколов постигна 10 поени. Кај празените се истакна Миладин Пековиќ со 19 коша.
Рабтонички во своето 18 финале ќе игра против МЗТ. Шампионот на Македонија ќе се добие во три добиени натпревари. МЗТ ќе ја има предноста на домашен терен бидејќи беше првопласиран во супер лигата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.