| четврток, 6 декември 2018 |

Убиената штипјанка стравувала дека Горан ќе ѝ го одземе животот

892C5378AA08F8479D17C5DD490D5323Не можам да го оставам, ќе ме убие, се плашам од него. Ова им го велела штипјанката Адријана Саздова (35) на пријателите и на своите колеги во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) во Скопје пред да биде убиена од момчето, кое потоа се самоуби. Двајцата работеле во ЈСП пред да се случи злосторството. Младата Адријана како да пречувствувала дека нешто лошо ќе се случи, па во последните месеци секојдневно се жалела дека трпи малтретирање и закани од Горан Стоилевски (42) од скопското село Арачиново, со кого била во љубовна врска околу две години.

Се вљубиле на работа во ЈСП

Заканите на Горан се оствариле завчеравечер, кога тој ја убил со два куршума од пиштол, а потоа самиот си пресудил испукувајќи си куршум во слепоочницата. Убиството и самоубиството се случија пред зградата број 10, на булеварот Видое Смилевски-Бато, во населбата Ново Лисиче. Трагедијата се одвиваше пред очите на многубројни минувачи и гости во локалните кафулиња и продавници.

Она што успеавме да го дознаеме е дека штипјанката Адријана неколку години била вработена во ЈСП во Скопје. Во почетокот била секретарка, но потоа била прераспоредена на билетарница на ЈСП, во близина на Цветниот пазар. Со Горан се запознале на работа, односно биле колеги. Тој бил вработен како возач во градски автобус, но поради здравствени проблеми со срцето, бил преместен на полесно работно место, во гаражата на ЈСП.

Адријана била разведена и има две деца од претходниот брак. Горан зад себе имал два брака. Првиот пат се развел и повторно се оженил, но со кумата. Но и од неа се развел откако ја запознал Адријана. И тој има две деца од првиот брак.

Адријана им се жалела на колегите дека Горан бил многу љубоморен и поради тоа секојдневно ја малтретирал, но не можела да го остави, бидејќи ~ се заканувал дека ќе ја убие. Тој често доаѓал на нејзиното работно место ѝ додевал. Горан потекнувал од Арачиново, но од пред неколку години се отселил од таму.

Вечерта кога се случило убиството, Адријана со автомобил дошла пред зградата каде што требало да оди на роденден кај своја пријателка. Откако се паркирала, со автомобил дошол и Горан, кој најверојатно ја следел до таму.

Очевидци раскажуваат дека двајцата на паркингот почнале расправија во која тој се обидувал да ја удри, но и ја прашувал каде оди без него и зошто го лаже. Девојката му се спротивставувала, и успеала да се оттргне од неговите раце. Бидејќи се исплашила, почнала да бега кон зградата во која живеела нејзината пријателка.

Успеала да стаса пред влезот, но кога се обидела да го притисне домофонот, ѝ се доближил Горан и испукал два куршума во неа. Девојката паднала точно пред влезот, но с` уште давала знаци на живот.

Откако ја застрелал, Горан кратко се држел за глава, а потоа направил два-три чекори наназад, односно меѓу првиот и вториот влез на зградата и си пукал во главата.

– Видов дека се расправаа на паркингот. Потоа таа тргна напред, а тој брзаше по неа. Сето време со груб глас ~ зборуваше да застане. Си помислив дека станува збор за обична расправија и не обрнав многу внимание. Потоа чув два истрела, а кога погледнав кон влезот, го видов како се држи за глава и правеше чекори напред-назад. За кратко чув уште еден истрел и го видов паднат и мажот – раскажува очевидец, кој крвавиот настан го видел од балкон на соседната зграда.

Жителите на зградата што го виделе убиството веднаш повикале брза помош и ја известиле полицијата. Екипа на брза помош за неколку минути пристигнала на местото, но не можеле да спасат ниту еден од нив, оти веќе биле починати.

Екипа на крим-полицијата и јавен обвинител повеќе од два часа вршеа увид, а жителите од зградата не можеа ни да влегуваат ни да излегуваат од становите.

Од местото биле подигнати три патрони и еден пиштол марка „взор 70 “, со калибар 7,62, во кој имало уште два неиспукани куршума во рамката и еден неиспукан куршум во цевката. Пиштолот бил сопственост на таткото на Горан. По увидот телата на убиените биле однесени на обдукција.

Целиот тект во Дневник

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top