Состојбата во поплавените реони во Србија постепено се нормализира, но евакуираните граѓани сè уште не можат да се вратат во своите домови, јави претпладнево српската државна телевизија РТС, повикувајќи се на извори во Кризниот штаб.
Според телевизијата, ноќта во поплавените подрачја минала мирно и водата постепено се повлекува од населените места низ кои патролираат припадници на српската полиција.
– Треба да почекаме уште некое време (пред враќање на евакуираните), поради безбедносни причини, но и поради опасноста од ширење на зарази. Прво, треба да се санираат последиците, па дури потоа жените и децата да се вратат во своите домови – изјави претставник на Кризниот штаб.
Во исто време, српскиот министер за труд и социјална политика Александар Вулин изјави дека е можно на евакуираните мажи денеска првпат да им биде дозволено да се вратат во градот Обреновац, кој беше еден од најтешко погодените од поплавите.
Вулин, кој претпладнево го посети Обреновац, апелираше до жителите на градот да не се враќаат во своите домови сè додека соодветните органи не проценат дека е безбедно, односно додека водата не се повлече целосно и додека не биде извршен хемиски третман на објектите.
Директорот на јавното препријатие „Белград вода“, Милош Миловановиќ пак изјави дека нивото на реката Дунав во српскиот главен град изнесува околу 630 сантиметри, што е 20 сантиметри под котата што би претставувала опасност од поплави.
Тој нагласи дека добра вест е што врвот на поплавниот бран се одлага од ден во ден, посочувајќи дека прво се предвидуваше тој да стигне до Белград денеска или утре, а сега се прогнозира дека тоа ќе се случи в недела.
– Доколку (бранот) се одложи за понеделник, тоа ќе значи дека ќе биде се помал и со тоа поповолен за нас – нагласува Миловановиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.