| четврток, 6 декември 2018 |

Претседателот Иванов ќе одржи предавање на Универзитетот „Федерико Втори“

gorge-ivanov

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој во Италија ја предводи државно-црковната делегација по повод чествувањето на Свети Кирил, денеска ќе го посети Универзитетот „Федерико Втори“ во Неапол.

Како што јави известувачот на МИА од Неапол, при посетата на Универзитетот Иванов ќе одржи предавање на тема „Од Taurisius до Constantinopolis – од Corpus luvris Civilis до меѓународно право“.

Во присуство на ректорот на Универзитетот проф. д-р Масимо Марели, ќе биде потпишан меморандум за разбирање со Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Црковната делегација во Рим ја предводи архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, а во нејзин состав се митрополитот европски, г. Пимен, епископот Хераклејски, г. Климент, отец Климент Мишањ, свештеник во Пјаченца, отец Гоце Костов, парох во струмичката католичка црква….

Културната програма за манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“ почнува вечер, со отворање на изложбата „Словенски ракописи од Македонија од XII до XIX“, во организација на НУБ „Св. Климент Охридски од Скопје“.

На почетокот на изложбата, што ќе се одржи во Ватикански музеи, ќе се обратат претседателот Иванов, министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска и амбасадорот на Македонија во Ватикан, Звонимир Јанкулоски.

На централниот настан од чествувањето, на 24 мај, ќе се одржи молебен на гробот на свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ (Сан Клементе), со кој ќе чиноначалствува митрополитот европски, г. Пимен, во придружба на отец Климент Мишањ од Пјаченца.

Активностите за одбележување на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“ почнаа вчера со прием на македонскиот претседател и државната и црковна делегација кај папата Франциск и средба и со државниот секретар на Светиот престол, монсињор Пјетро Паролин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top