| четврток, 6 декември 2018 |

Што да направиме во случај на поплава

maxresdefault-1024x576

Во ек на незапамтените поплави кои го зафатија Балканот, неопходно е да се потсетиме на најважните мерки на внимание кои треба да ги имаме на ум во случај да се најдеме соочени со надоаѓачките води.

Најважното нешто во случај на поплава е да го заштитите сопствениот живот и животите на Вашите најмили. Во најголемиот дел од случаи, веројатно навремено ќе бидете евакуирани или сами ќе го напуштите загрозеното подрачје.

Ако сепак поплавата Ве затекне во Вашиот дом, важно е да се придржувате до следниве совети:

  • Носете гумени чизми и ракавици
  • Малите деца, трудниците и лицата со здравствени проблеми треба да ги избегнуваат поплавените подрачја до моментот додека поплавата не се повлече, и додека не се изврши темелно чистење на поплавените објекти.
  • Ако случајно проголтате од нечистата вода, која има голема веројатност да е контаминирана, веднаш консултирајте се со лекар.

При напуштање на Вашиот дом придржувајте се до следново:

  • Не приоѓајте до местата кои се несигурни
  • Не приоѓајте до водите кои подолго време стојат, тие се најголем извор на заразни болести.
  • Не приоѓајте ниту до местата на кои водата пребрзо протекува. Колку и да сте добар пливач, не ја потценувајте огромната моќ на водениот тек.
  • Дури и плитката вода која мирува може да биде опасна за малите деца.
  • Не очекувајте од возилата да Ве заштитат од надоаѓачките води
  • Доколку морате да излезете на место кое е поплавено, облечете непропустлива облека и користете стап за да проверите што има пред Вас во водата.
  • Исклучете ја струјата во целата куќа, како и доводот на гас доколку имате.

Покрај директната физичка опасност, поплавите носат потенцијална опасност од значително влошување на хигиенско-епидемолошките околсности и ширење на заразните болести, на кои најизложени се најосетливите групи на граѓани – децата, трудниците, хронично болните и старите лица.

Кои се опасностите од поплавата по Вашето здравје?

  • Поплавите носат ризик од заразни болести, бидејќи често се поврзани со прекин во снабдувањето со вода и повлекување на отпадни материи, како и со излевања на канализациите.
  • Оштетените водоводни и канализациски цевки ја зголемуваат можноста да се контаминира водата за пиење. Со загадената вода и храна се пренесуваат цревни и кожни заразни болести.
  • Се зголемува бројот на глодари и змии за време на поплавите, што представува дополнителен ризик за здравјето.
  • Големата стоечка водна површина овозможува размножување на комарците и другите инсекти кои се преносители на голем број заболувања.
  • За време и по природните катастрофи, голема е опасноста од повреди. Опасност се срушените електрични инсталации, електричните прилучоци потопени во вода, големите парчиња на скршено стакло и други материјали кои може да Ви нанесат повреди.

Што треба да преземете за време на поплавата за да ја намлите опасноста од заразни болести и повреди? 

  •  Водата за пиење може да биде загадена. Затоа, избегнувајте да пиете вода од славина, бунари или извори, додека истата не биде тестирана. До тогаш конзумирајте флаширана вода.
  • Доколку водата е само микробиолоши загадена, нејзиното вриење од најмалку 1 минута може да ги уништи бактериите. Но, доколку водата е загадена со хемикалии, провривањето не може да ја прочисти и таквата вода не смее да се користи.
  • Хигиенски неисправната вода не смее да се употребува ниту за перење садови, миење раце, лице, заби, правење мраз – со еден збор, за ништо што може да ја донесе во контакт со органите на човекот.
  • Јадете само конзервирана храна од тегли кои биле потполно затворени, а пред нивно отворање да се измијат внимателно со чиста вода.
  • Чувајте ја храната на високи, чисти и проветрени места.
  • Неопходно е оддржувањето на лична хигиена, посебно често миење на рацете со сапун (пред јадење, по користење на тоалет, по чистење на поплавниот отпад и по користење на предмети кои биле во контакт со поплавната вода). Посебно внимание да се обрне на чистотата на рацете кај децата и постарите лица.
  • Ако дојде до повредување, важно е да се знае дека отворените рани мораат да се исчистат и да се заштитат со фластер или завој, за да се спречи инфекција и контакт на раната со нечистата вода. Некогаш е потребен и додатен третман како што е вакцинирање со тетанус. Да се побара лекарска помош доколу се појави црвенило, оток или гноен исцедок на раната.
  • Лекарска помош задолжително да се побара во случај на појава на гадење, повраќање, малаксаност, диареја, зголемена температура.


Што после поплавата?

По повлекувањето на водата, неопходно е да се санираат подрачјата кои биле зафатени со водата.

  • Држете се подалеку од соборените електрични водови, а нивната локација пријавете ја кај надлежните институции.
  • Неопходен е преглед на електричните и плинските инсталации во домот од страна на стручни лица, пред воопшто да влезете во објектот.
  • Од комуналните претпријатија да се бара чистење и санација на канализациониот систем
  • Задолжително темелно чистење на ѕидовите и подовите на просториите во кои доспеала поплавната вода.
  • Да се фрлат загадените предмети и материјали кои не можат да се исчистат или дезинфицираат.
  • Алиштата и обувките, како и детските играчки да се исчистат и дезинфицираат.
  • Да се фрли сета храна која дошла во допир со поплавната вода.
  • Да се исчистат работните површини и приборот за храна
  • Да се избегнува возење автомобил во првите денови по полавата поради можни опасни оштетувања на патната мрежа.

Се разбира, во секоја временска неприлика или природна катастрофа најважен е Вашиот живот и животот на Вашите најмили, како и здравјето на сите Вас. Преземете ги сите наведени совети и мерки во случај да се најдете затекнати среде поплава. Вашиот движен и недвижен имот, Вашите посеви и плодови – сето тоа може да биде предмет на осигурување и едноставна обнова со помош на осигурителната компанија. Спомените не можеме да Ви ги вратиме, но можеме да Ви помогнеме да не стравувате во случај на закана по сето она што го поседувате.

Преземено од Винер

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top