Социјалдемократскиот сојуз ќе чека Управниот суд да се произнесе по нивната тужба до петок, а потоа ќе соопшти како опозицијата ќе делува понатаму. Во меѓувреме, на двајца советници во Општинскиот совет во Битола – Васко Ковачевски и Јулијана Силјановска вчера им беше констатиран престанок на мандатот, откако тие на последните избори беа изгласани за пратеници во Собранието. Престанок на советничкиот мандат, според најавите, ќе биде констатиран на денешната седница на Советот на град Скопје и за Софија Куновска, која пред да биде избрана за пратеник, беше советник од опозицијата во Советот на град Скопје, пишува Вечер.
И покрај обвинувањата на опозицијата за насилно верификување на мандатите, познавачите велат дека тужбата на СДСМ пред Управен е неоснована, и дека верификувањето на мандатите на пратениците на СДСМ е согласно Уставот. Ова го изјави и поранешниот претседател на ДИК од редовите на СДСМ, Александар Новаковски во телевизиско интервју завчера.
Верификацијата на мандатите, посочи тој, е врз основа на конечниот извештај на Државната изборна комисија. Конечниот извештај на ДИК е доставен до Собрание, го расправале на седница и тој е во точка на дневен ред.
Новаковски праша зошто сега не следат оставки, со оглед на фактот што избраните пратеници од СДСМ се повикуваат на нотарските изјави.
-Ние имаме системи каде мандатот се враќа до ДИК, кај нас не. Кај нас се враќа до Собрание. Овој термин „неприфаќање на мандат“ е многу редок термин. Има земји каде не може да се врати мандат. Во нашето законодавство тој термин го нема и строго е предвидено, затоа јас тоа го сметам за преседан, предвидено е дека треба да се даде оставка. Кај нас беше толку строго што оставката мораше и лично на седница да ја даде пратеникот -, објасни експретседателот на ДИК.
Засега останува нејасно дали опозициските пратеници кои не се појавуваат во Собранието ќе добијат месечни примања. Доколку не се појават да си поднесат оставки, социјалдемократите кои освоија пратенички мандат ќе добиваат по 30 отсто од пратеничката плата, или нешто повеќе од 20.000 денари месечно. На „Бихаќка“ засега не коментираат дали ќе поднесат оставки, и дали ќе ја примаат платата која им следува според регулативата.
– Во услови кога има толку невработени во државата, некој да ве тера со сила да работите за нешто што децидно сте изјавиле дека немате нити волја нити желба да го работите, е малку и луцидно – изјави Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.