Концертот што ќе се одржи в четврток, со почеток во 18 часот во салата Борис Трајковски, ќе се реализира под слоганот „ДА СЕ ОБЕДИНИМЕ ВО ХУМАНОСТА“, а водители ќе бидат Весна Петрушевска, Тони Михајловски, Сашко Коцев и Димитар Атанасовски.
На концертот ќе учествува голем дел од македонската естрада и тоа: Калиопи, Каролина, Елена Ристевска, Тамара, Тијана Дапчевиќ, Сара Мејс, Ѓоко Танески, Дани, групите „Нокаут“, ДНК, „Некс тајм“, Ламбе Алабаковски, Димитар Андоновски, Гиш, Кристина Арнаудова, Бени Шакири, Миле Кузмановски, Ефто Пупиновски, Зоран Џорлев, Виолета Томовска и други.
Билетите се продаваат по цена од 150 денари и средствата што ќе се соберат од продажбата на билетите ќе бидат наменети за хуманитарна помош на погодените подрачја од поплавите во Србија и во Босна и Херцеговина. За поставување на сцената, осветлувањето и за озвучувањето на концертот ќе се погрижи компанијата „Биг саунд“.
Покрај присутните на сцената, во соработка со Агенцијата за спорт и за млади предвидено е да се направи линковско вклучување или снимено обраќање на познати спортисти, актери, музичари и градоначалници од Република Србија и Република Босна и Херцеговина, кои ќе ги поздрават присутните.
Музичката програма ќе биде надополнета со кратки документарни прилози со сведоштва и сеќавања на македонски граѓани од поплавата во Скопје од 1962 година.
На концертот се очекува да се појават многубројни личности од јавниот живот во државата и да ја дадат својата поддршка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.