Деканот на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Илија Каров, вели дека по обиколката на посевите засадени со жито во Овче Поле и во кумановскиот регион, очекува приносите на пченицата и на јачменот да изнесуваат седум до осум тони по хектар.
Оценува дека поплавите во соседна Србија ќе влијаат на цената на житните култури, иако, според него, сè уште е рано да се пресмета колку ќе изнесува покачувањето.
Каров истакна дека покрај очекуваното намалување на увозот на жито од Србија, проблеми со увозот на пченица годинава се очекува да има и од Украина.
– Ние во голема мера како земја сме зависни од увоз, особено на пченица. Најголем дел од пченицата покрај од Република Унгарија и од други држави, увезуваме од Република Србија. Сепак, би требало да се очекува дека во иднина Република Србија ќе настојува да го задржи своето земјоделско производство за свои потреби. Од една страна, имаме прекрасни климатски услови за добро и квалитетно производство на жито. Но, сепак, ова што се случува сега е за внимание и јас лично очекувам дека цените би биле значително повисоки, односно Република Македонија мора да размислува од кои држави би можело да се увезе тоа што недостига на македонскиот пазар – вели Каров.
Според земјоделските стручњаци, поради случувањата во регионот се очекува и поскапување на градинарските производи. Добро е што родот е солиден и се очекува производство на доволно храна за граѓаните во земјава, но и за извоз.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.