| четврток, 6 декември 2018 |

Вевчанци се заканија со граѓанска непослушност: нема да плаќаат струја додека ЕВН не ги поправи дефектите

Општина Вевчани секојдневно се соочува со проблеми со електричното напојување. Нема ден без прекин на струјата се жалат жителите, кои уредно ги плаќаат сметките. Деловните објекти и јавните претпријатија се спречени во нормалното функционирање, објави порталот „Охрид нет“.

– Секојдневно имам поплаки и жалби од граѓаните. И овој проблем барам што побрзо да се надмине и праќам апел до ЕВН да го направат она што го ветија да ја направат комплетно реконструкцијата на електричната мрежа, вели Цветомир Угриноски градоначалник на општина Вевчани.

Поради прекините со струја најмногу трпи Здравствениот дом, регионалниот центар за радиологија и лабараторијата во општината. Не е само чекањето на пациентите туку и штетите на апаратите.

– Најважни се пациентите кои доаѓаат од Дебар, Охрид, Кичево и Ресен а кога ќе дојдат во Вевчани нема струја чекаат по два три сати и незадоволни ќе се вратат дома. Често се случува истите пациенти да ги презакажиме да дојдат и пак да нема струја ,вели д-р Жарко Даскалоски радиолог.

– Да не ви кажам колкави се цените на поправките што ги плаќаме. Често тоа дневно не чини по 300 400 евра минимум, а ако е поголем дефект и до неколку илјади евра, вели д-р Наташа Богоеска специјалист по медицинска биохемија.

Вевчанци ја обвинуваат ЕВН за непринципиелност и се заканија со граѓанска непослушност, неплаќање на сметките за струја.

– Од тука упатувам апел до менаџментот на ЕВН Македонија во рок од 30 дена почне со реализација на ветените инвестиции во Вевчани. Во спротивно преку 600 700 семејства од Вевчани ќе прекинат да ги плаќаат сметките за електрична енергија, рече Крсто Мукоски пратеник од Вевчани.

Според ЕВН невремето ги предизвикува дефектите бидејќи станува збор за планински предел. И досега било инвестирано, променета е електричната инсталација во центарот на Вевчани останува да се среди нисконапонската мрежа на што веќе се работи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top