| четврток, 6 декември 2018 |

Странските државници испратија честитки до Иванов

По повод победата на претседателските избори и реизборот на д-р Ѓорге Иванов за претседател на Република Македонија, голем број шефови на држави упатија писма со честитки до претседателот Иванов.

Gjorge-Ivanov-int80-740x320-top

– Резултатите од гласањето потврдуваат ваш голем политички авторитет и доверба на граѓаните. Вие давате значаен придонес за зацврстување на пријателските односи и за заемно корисната соработка меѓу Русија и Македонија – стои во писмото упатено од претседателот Путин.

Честитки до претседателот Иванов упати претседателот на Сојузна Република Германија, г. Јоахим Гаук.

– Цврсто сум убеден дека патот кон правната држава во земјата и балансираниот однос кон соседните земји е единствениот  правилен пат, кој на вашата земја и овозможува добра иднина во кругот на европските народи. Германија и понатаму ќе ве придружува на овој пат – стои во честитката од претседателот Гаук.

Честитки до претседателот Иванов во лично име и во име на турскиот народ упати и претседателот на Република Турција, г. Абдула Ѓул и претседателот на Република Бугарија, г. Росен Плевнелиев.

– Република Бугарија во Република Македонија гледа близок сосед и партнер, чијашто иднина е во заедничкото европско семејство. Се надевам дека под ваше раководство ќе биде даден нов импулс на напорите за интегрирање на вашата земја во европските и евро-атлантските структури. Убеден сум дека односите на нашите две земји треба да се развиваат врз основите на европските вредности и стандарди за добрососедство и соработка – пишува претседателот Плевнелиев.

Повторното преземање на функцијата претседател од страна на претседателот Иванов го честиташе и претседателот на Република Полска, г. Бронислав Коморовски и претседателот на Република Чешка, г. Милош Земан, посочувајќи дека според него реизборот претставува израз на доверба, која македонскиот народ ја има кон претседателот Иванов.

Писма со честитки до претседателот Иванов упатија и претседателите на Унгарија, Литванија и на Словенија.

Претеседателот Борут Пахор посочи дека Република Словенија и Република Македонија како пријателски држави во изминатите години достигнаа значајни резултати.

– Големи заслуги за тоа ви припаѓаат вам. Сигурен сум дека ќе се продлабочи нашиот дијалог и соработката на нашите народи кои ќе дадат придонес за унапредување на пријателскиот и партнерски однос меѓу државите. Повторно би сакал да ја искажам поддршката на Република Словенија за напорите на Република Македонија на патот кон членство во НАТО и во ЕУ – пишува словенечкиот претседател Пахор во честитката до претседателот Иванов.

Честитки за вториот мандат на претседателот Иванов упатија и претседателите на  Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top