Новоизбраниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска даде свечена изјава пред Собранието на Република Македонија со што и официјално започна неговиот втор петгодишен мандат.
Во говорот по свечената изјава, Иванов повика да се надминат тесно-партиските и личните интереси и опозицијата да остане доследна на демократските принципи и вредности. Иванов истакна дека ќе биде претседател на сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност.
Им искажа огромна благодарност на граѓаните на Република Македонија кои придонесоа, како што рече, да се одржат мирни, фер и демократски избори, на кои победи демократијата, граѓаните, Македонија.
– Исто така и честитам на Државната изборна комисија што ефикасно ги спроведе изборите. Со тоа го подигна стандардот за демократските избори во Република Македонија. Им благодарам на домашните и на меѓународните набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР за непристрасноста во следењето на изборниот процес во Македонија. Оценките за изборите што ги даде меѓународната заедница за нас претставуваат охрабрување, но и поттик за постојано унапредување на демократијата, рече Иванов.
Првпат, во историјата на Република Македонија, потенцираше тој, претседателските избори минаа без ниту еден приговор до Државната изборна комисија.
Во сложени меѓународни услови, како што се денешните, неопходно е Република Македонија успешно да ги брани своите интереси и интересите на своите граѓани.
– Кога станува збор за државните интереси, неопходно е Република Македонија да настапува со еден глас и со јасен став, за да биде препознаена како стабилна држава, почитувана како одговорен партнер и сојузник. Тоа е обврска и одговорност за секој што го добил мандатот од граѓаните, истакна тој.
Од избраните, посочи Иванов, сега се бара посветеност и одговорна работа, сериозност и промисленост. Токму тој мандат, таа доверба денеска, како што посочи, некои опозициски партии ја доведуваат во прашање, одбивајќи да ги признаат резултатите од претседателските и предвремените парламентарни избори.
– Како претседател на Република Македонија, загрижен сум за тие реакции и постапки, бидејќи сум и нивен претседател. Денес, од ова место, јасно ќе кажам: Оние што мислат дека ја бојкотираат институцијата претседател на Република Македонија, всушност ги бојкотираат граѓаните, кои гласале на претседателските избори, истакна Иванов. Оние што го бојкотираат Собранието на Република Македонија за кое добија мандати, всушност ги бојкотираат волјата и довербата на граѓаните кои гласале и за нив. Бојкотот на институциите значи бојкот на демократијата и бојкот на волјата на граѓаните. Бојкотот е потценување на демократската зрелост на македонските избирачи, рече претседателот Иванов.
Во согласност со Уставот на Република Македонија, додаде тој, како претседател, добивам легитимитет директно од граѓаните.
– Во согласност со Уставот на Република Македонија, гласовите што ги добив за да ја извршувам функцијата претседател на Република Македонија немаат ниту етнички, ниту религиски предзнак. Претседателот на Република Македонија го избираат граѓани, а не заедници. Во демократијата гласовите се бројат, не се мерат, изјави тој.
Бев и ќе останам, истакна Иванов, претседател на сите граѓани, независно од тоа за кого гласале, бидејќи Уставот ме обврзува да ја претставувам Република Македонија како суверена и самостојна држава, да ги претставувам сите граѓани, да ги бранам заедничките државни интереси за сите, за Македонците, за Албанците, за Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и сите други.
– Од ова место, во името на граѓаните, повикувам да се надминат тесно-партиските и личните интереси. Ја повикувам опозицијата да остане доследна на демократските принципи и вредности, истакна претседателот.
Ќе правам сè, посочи Иванов, што е во рамките на моите надлежности, да ги унапредувам дијалогот и соработката внатре во институциите на државата.
– Како што на Македонија и е потребен ангажман од секој нејзин граѓанин, така и во македонската демократија е неопходна ангажирана опозиција, со свежи идеи, издржани предлози и конструктивни критики. Реков и повторно ќе речам дека по изборите нема победници и поразени, туку дека сите треба да работат за просперитет и за успех на Република Македонија. За напредок на личниот и заедничкиот живот во Македонија, за сите нас, рече тој.
Уставот врз кој се заколнав, додаде Иванов, ме обврзува да ја гарантирам унитарноста на државата, да бидам претседател на една единствена, неделива, суверена, самостојна, демократска Република Македонија.
– Дел од раководството на една политичка партија, пред и за време на претседателските избори, инсистираше на некаков си консензуален претседател на Република Македонија. Категорија која ниту постои во Уставот и законите, ниту се навестува во Охридскиот договор. Дадената свечена изјава ме обврзува јавно да укажам и да се спротивставам на идеи и концепти што се спротивни на Уставот и на законите, да се спротивставам на сите уцени и на посегањето по државните интереси на Република Македонија, истакна Иванов.
Постигнувањето на компромиси, без уцени и ултиматуми, го унапредува мирот и доведува до незаострување на спротивставени и непомирливи позиции, смета Иванов, притоа, без да му се одземе можноста на политичкото малцинство да стане политичко мнозинство.
– Уставот врз кој се заколнав, исто така, ме обврзува да го бранам уставното име на нашата држава. Затоа, нема да дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име – Република Македонија. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот, рече претседателот.
Како врховен командант, рече Иванов, ќе се грижам за Армијата на Република Македонија, која е гарант на мирот и безбедноста, но и наш најголем влог во остварувањето на нашите стратегиски цели.
– Во надворешната политика, остануваме доследни на нашиот европски и евроатлантски пат. Неопходно е да функционира меѓународното право. И големите и малите, и богатите и сиромашните, и развиените земји и земјите во развој, неопходно е да ги почитуваат меѓународните обврски и да ги спроведуваат меѓународните договори.
Единствено долгорочно решение е земјите-членки на ЕУ и на НАТО да останат доследни поборници за почитување на меѓународните договори и за спроведување на меѓународните обврски, изјави Иванов.
И во наредниот период, додаде тој, ќе продолжиме да инсистираме на почитување на преземените обврски и на ефектуирање на пресудата на Меѓународниот суд на правдата.
– Заслуженото членство на Република Македонија во НАТО е тест за посветеноста на Алијансата кон меѓународните договори и обврски. Почетокот на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ е тест за кредибилноста на процесот на проширување на Унијата. Како што Македонија останува доследна на својот европски и евроатлантски пат, така очекуваме и ЕУ и НАТО да останат доследни на сопствените принципи: мирот, демократијата, владеењето на правото, човековите права, правото на самоидентификација и човечкото достоинство. Принципи во кои ја гледаме причината и смислата на нашата интеграција, изјави Иванов.
Најави продолжување на автентична македонска надворешна политика според принципот на отвореност кон сите.
– Остануваме отворени кон оние што ни се најблиски – соседите. Македонија води политика на добар сосед. Ќе иницираме нова етапа во регионалната соработка. Приоритет ќе има меѓусебното поврзување на постојните инфраструктурни коридори. Тоа поврзување ќе ја смени географијата на регионот, ќе ги брише границите, предрасудите и поделбите, ќе ја унапредува соработката и ќе ја гради иднината на сите држави во регионот заедно, рече Иванов.
Додаде дека секоја негова надворешно-политичка активност ќе има и економска димензија. – На Македонија и требаат нови работни места, за економијата уште повеќе да расте. Ќе продолжам да ги поддржувам иницијативите и проектите за вработување на младите и за самовработување, изјави Иванов.
На инаугурацијата не присуствуваа пратениците од ДУИ, за кои Иванов не е легитимен претседател, и на СДСМ и НДП, кои не ги прифатија мандатите.
Новиот мандат на Иванов му го честитаа премиерот Никола Груевски, министри и други лица од јавниот и политичкиот живот во земјата, верските лидери, претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадорите на САД и ЕУ, Пол Волерс и Аиво Орав.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани