| четврток, 6 декември 2018 |

Благој Чоревски – актерството му е во крвта

Откако е во пензија, одигра три премиери во Драмски театар. Игра постојано, како вчера да ја почнал кариерата. А, во театрологијата на Чоревски се запишани повеќе од сто лика, и тоа во претстави што се препознаваат токму по неговата глума. Играл во филмови, ТВ-серии, сме го гледале и во независни продукции, во забавни емисии или кабариња

Откако е во пензија, актерот Благој Чоревски (1947) одигра три премиери во Драмски театар. На последната, „Евангелие на глупоста (Далај Мама во два дела)“, дури имаше и незгода, го повреди коленото, но, за среќа, не беше со фатални последици. И две недели по премиерата, тој уште накривнува, но не се дава. Игра постојано, како вчера да ја почнал кариерата. Со елан, полн со возбуда, како Поткошулов да му е прва улога во животот.

Со иста жар игра и во возобновената „Чија си“ на Сашко Насев, но и во „Кавкаски круг со креда“. А, претходно, пред да стане пензионер, неколку години го немаше на репертоарот на Драмски. И не само него, туку и поголемиот дел од колегите од неговата генерација – Мето Јовановски, Снежана Стамеска…

Официјалното заминување во пензија, можеби, за многумина значи и крај на професионалниот ангажман, но тој уште во себе носи страст за животот. Тој го слави животот.

– Можеби од економска гледна точка немате можност да го славите животот. Иако сум бил еден од врвните актери во Македонија, никогаш не сум имал пари за да отидам на некое монденско место и да уживам. Секогаш недостига нешто. Во Македонија на сите им недостига нешто. И врвните актери, лекари, економисти – сите едвај сврзуваат крај со крај. За жал, оваа земја нема мерила и критериуми за вредности – без разлика дали станува збор за внатрешни вредности, човечки или поинакви – вели Чоревски.

Често знаеме да ги ставаме актерите во рамки и да ги класифицираме дека некој повеќе го бидува за комедии, а некого за драми. Но, кога ќе помислиме на Чоревски, секогаш мислите ни одат на некоја улога во кој нѐ насмеал до солзи. А, фактите говорат дека Чоревски во кариерата има одиграно најмалку, по број, улоги во комедии.

– Секоја претстава во Драмски театар ми носи многу возбуда. Кога не бев пензионер, директорите не сметаа дека треба да ме користат да играм во претстави. Најмалку пет-шест години не играв ништо – не само јас, туку и Мето Јовановски, Снежана Стамеска и други врвни актери на Драмскиот театар. За жал, такво е времето. Сега играм, и пресреќен сум – вели Чоревски.

Blagoj-Corevski-2

Првиот приватен театар „Модро окце“ е основан од Благој Чоревски, Ванчо Петрушевски, Гоце Тодоровски и Ѓорги Колозов

Тој потекнува од, можеби, најтеатарското семејство во Македонија. Неговиот татко Трајко играл во првата претстава на македонски јазик „Платон Кречет“ во МНТ, неговата мајка Ратка со децении играла на сцената на битолскиот театар, во кој и денес е неговиот помлад брат Борис. Во најмладата генерација актери е внуката на Благој, Лина, која игра претстави во Скопје и во Битола. Негов кум е бардот на македонскиот театар, Петре Прличко.

– Родителите ме научија на чесност. Ние сме воспитувани да донесеме во театарот, а не да изнесеме. Тоа е суштината. Огромна е привилегијата да бидеш опкружен со такви актери, да играш со нив и да останеш жив за да можеш да им кажеш на своите помлади колеги како било тогаш, како се работело. За жал, оваа земја не учи. На факултет не учат ниту за Петре Прличко, ниту за Илија Милчин, ниту за Гешовски, ниту за Дарко Дамески, Крум Стојанов, Ненад Стојановски… Вредностите не влегуваат во системот – вели Чоревски.

Тој смета дека секој од нас има свои пет минути во животот кои, ако знае, треба да ги искористи.

– Секој има свои пет минути во животот. Ако умеете и ако носите во себе вредности, човечки, духовни, тие ќе излезат на виделина кога-тогаш. Значи, талентот, човештината, можноста да работите. Мора да имате талент и да сте желни за работа. Потребно е многу работа. Ништо нема без работа – смета почитуваниот актер.

Во театрологијата на Чоревски се запишани повеќе од сто лика, и тоа во претстави кои се препознаваат токму по неговата глума. Го паметиме по радиоемисијата „Хихирику“, по повеќе кабаретски или други популарни продукции „Коприварник“, „Женски оркестар“, го има во филмската продукција – „Исправи се Делфина“, „Пресуда“, „Време води“, „Викенд на мртовци“, „Тетовирање“, „Самоуништување“, во театарските претстави „Болва во уво“, „Чернодрински се враќа дома“, „Диво место“, „Комшилак наопаку“, „Брачна игра“… Добитник е на Стериината награда, на „Војдан Чернодрински“, награди на весници (најмногу за Андреа во „Диво месо“), „11 Октомври“, „Свети Климент Охридски“, прогласуван е за актер на годината.

Blagoj-Corevski-3

Сцена од филмот „Пресуда“ со Ненад Стојановски и Ванчо Петрушевски

Со години Чоревски беше општествено ангажиран, но тоа не му пречеше да биде актер и да игра во претстави, филмови, серии. Од 1971 година е во Драмски театар, негов директор е од 1983 до 1998 година, следните две години е заменик-министер за култура, потоа претседател на Советот на Град Скопје, па негов член. Додека беше директор на Драмски прв воведе варијабилен додаток од продадени билети. Актерите се бореа да ги има на сцената ако е можно секоја вечер. Почетокот на осамостојувањето на државата во деведесеттите години се памети и како златна доба на македонскиот театар, а Драмски доживуваше процут. За секоја претстава се бараше билет повеќе, се играа хит-претстави.

– Актерството ми е прво. Сето друго можам да го направам. Дали ќе има успех или не, не зависи од мене. Но, во театарот многу работи зависат од мене. Како влегов во политиката? Ми се јавија во 15 минути до 12 и ме рекоа дека ќе бидам заменик-министер за култура. Може да размислам и да ви се јавам? Во 12 треба да јавиш. Во тоа време бев директор на Драмски театар и размислував како да ѝ помогнам на мојата фела. Јас и денес размислувам за така. Се трудам колку што можам да помогнам. Ништо не зависи од министерот. Сѐ е тоа претходно смислено некаде. Како министер вие не сте менаџер во вистинска смисла на зборот. Министерот значи слуга на народот. Кога министерот би ги имал тие пари на почетокот на годината, тој треба да ги менаџира и да си ги одбере своите менаџери што ќе му прават успех. Јас мислев дека кога ќе отидам таму како стручњак, ќе го сменам тоа. Се обидов, еднаш, двапати, трипати… Потоа гледаш дека тоа се одлучува на политичка линија и почнуваш да го спасуваш барем тоа што може да се спаси. Така, јас не дозволив во Драмски да влезе друг директор освен Димитар Станковски, во Битола – Благој Стефановски, во Театар за деца и младинци – Љубомир Чадиковски, а потоа ме прогласија за комунистички заменик-министер за култура. Јас не ставав комунисти, јас именував добри директори. Да бидеш член на некоја партија е граѓанско право. Ако некој доктор е добар, ќе ги прави операциите од позиција на власт или опозиција? Не, тоа е глупост. Ги прави за да го спаси човекот. За жал, не може. Сѐ уште сме во некоја зачаурена состојба – смета Чоревски.

Blagoj-Corevski-4

Чоревски со Мајда Тушар

Освен во театарот, на филмот и во телевизиски серии, Чоревски често сме го гледале и во независни продукции, во забавни емисии или кабариња, во телевизиски серии, гостувал во Театарот за деца и младинци, во Битола во мјузиклот „Свирач на покривот“, додека го правевме разговорот во Драмски подготвува една претстава која има хуманитарен карактер…

– Секогаш сум бил бунтовник. Првиот приватен театар „Модро окце“ го направивме јас, Ванчо Петрушевски, Гоце Тодоровски и Ѓорги Колозов. Претставите ги игравме во тогашниот Дом на млади „25 Мај“, сегашен Младински културен центар. Текстот „На заборавениот остров“ беше на Русомир Богдановски. Сакам да излезам од рамките. Кога бев претседател на Советот на град Скопје, почнавме да го правиме театарот на Скопје, но таа иницијатива не се реализираше до крај. За жал, нема клима за ново. Затоа и тие неформални групи ретко опстојуваат. Кога јас би бил платен како што се платени актерите од светот од мојот ранг, тогаш би можел да направам свој театар. Би отишол на Бродвеј, би играл во претставата и би било полно – вели Чоревски.

Долгогодишното искуство на сцената, каде што опстојува повеќе од четири децении, го научило дека актерот мора да биде свесен за тоа што го прави би­дејќи секое пре­терување може да го однесе во некои лоши води.

– Секогаш треба да знаете кои сте и до каде сте. Не влегувајте во некој жанр и во некоја улога во која вие нема да бидете тој. Јас во секоја улога сум Благој Чоревски, но условно го играм Поткошулов. Секогаш мора да бидете свесен дека сте Благој Чоревски, односно тој што го играте. Ако не сте, ќе отидете јабана – додава актерот.

Чоревски го препознаваме во многу театарски жанрови, а кабарето е еден од оние кои тој најмногу ги сака.

– Таму имате слобода на импровизација. Вие сте ограничени текстуално, но во даден момент може да додадете шлагворт. Во кабарето треба многу мајсторство. Кога го направиме во Драмски, имаше многу сопки, дури и од сопствените колеги. Велеа, како е возможно во овој голем театар да се игра кабаре? Во една иста сала е можно да играат Бред Пит и Ентони Хопкинс, а претходно да имало стриптиз. Но, публиката не го знае тоа. Таа доаѓа за Ентони Хопкинс на Бродвеј. Ние сме играле во кафеани. Занаетот или го сакаш или не го сакаш. Преовладува љубовта – занесено говори Чоревски.

Blagoj-Corevski-5

Иако театарот во поширокото семејство Чоревски е семејна судбина, синот и ќерката на Благоја не се занимаат со актерството. Но, тој воопшто не жали за тоа. Напротив, горд е на своите деца.

– Јас дома не влијаам. Не сакам да му солам памет на младиот човек. Ако е од мојата бранша, можам да го насочам. Син ми е информатичар, има уште два испита до дипломирањето, ќерка ми одлично пишува, таа е новинарка. Се надевам дека внуката Гала ќе ме наследи. Таа е опасна – ја завршува својата приказна Чоревски.

Сиве овие години Чоревски создаде биографија на еден од најпочитуваните, најнаградувани и најприсутни актери на сцената. Секогаш се однесува како да е на почеток, чека нов лик во нова претстава. Едноставно, тоа му е во крвта.

(Пишува: Александра М. Бундалевска | Фото: Александар Ивановски и приватна архив
Текст објавен во 87. број на неделникот „Република“, 2.05.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top