Но, особено е важно што во овој период македонскиот извоз бележи поголем раст од вредноста на увозот. Ако се споредат податоците на Државниот завод за статистика, може да се види дека од година во година се зголемува покриеноста на увозот со извоз, односно размената станува поизбалансирана.
Лани, трговскиот дефицит изнесуваше 2,3 милијарди долари, а покриеноста на увозот со извоз беше на нивото од 64,7 проценти. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, кои се однесуваат на првите три месеци од годинава, покриеноста на увозот со извоз достигнала 65,5 отсто.
Македонија е увозно зависна земја. Најголем дел од компаниите увезуваат суровини за можат да произведуваат и потоа, своите производи да ги пласираат во странство. Оттука, кога расте извозот, расте и увозот (за 13 отсто во првиот квартал од годинава), што потоа се пресликува и во зголемување на вкупната економска активност. Во делот на извозот, факт е дека најголемиот дел од него го прават компаниите што оперираат во слободните економски зони.
Па така, во првите три месеци од годинава, најголем раст кај извозот, од цели 99,7 отсто, е регистриран во секторот машини и транспортни уреди, што се должи на работата на белгиската компанија Ван Хул, која од Бунарџик 2 почна да извезува автобуси наменети за американскиот пазар. Во извозот, повторно најголемо учество имаат катализаторите на носачи со благородни метали и нивни соединенија, што е резултат на работата на уште една компанија од слободните зони, овој пат на Џонсон Мети од Бунарџик 1. Во делот на увозот, најзастапени се платината и нејзините легури, струјата, други метали, кои домашните компании ги користат во производството.
Проблем за македонската економија е што од една страна, извезуваме многу малку производи, а од друга, многу мал дел од нив се со повисока додадена вредност. Лани, речиси половина од вкупниот извозоз е направен со околу 20 производи (катализаторите на Џонсон Мети, лекови, автомобилски компоненти кои повторно ги прават компании од зоните, па следуваат феро – никелот и феро – силициумот, сиров тутун, руди, како и производи од железо и челик).
Џонсон Мети, со двете свои фабрики, лани учествуваше со околу 20 проценти во вкупниот извоз од земјава. Сите компании од зоните бележат позитивнирезултати, а годинава се очекува нивна уште поголема контрибуција во вкупниот извоз на земјава.
– Во првите четири месеци од годинава, вкупниот извоз од зоните достигна бројка од околу 350 милиони евра, историски највисок за овој период. Ова најмногу се должи на втората фаза на Џонсон Мети која сега е функционална, на Џонсон Контролс во Штип, Ван Хул, но истовремено и на Кемет Електроникс кој работи со полна пареа– објаснува првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.
Мети ја смести Британија на второто место
Велика Британија се искачи на второто место на листата „Најголеми трговски партнери на Македонија“ со обем на стоковна размена во првиот квартал од 236 милиони американски долари. На првото место се уште е зацементирана Германија, која останува наш најголем трговски партнер, и со која во првите три месеци од годинава сме размениле стоки и услуги во вредност од 658 милиони долари. Првата петорка „Најголеми трговски партнери на Македонија“ ја заокружуваат Грција, Србија и Италија.
Суфицит во размената сме оствариле со Германија (289,5 милиони долари и покриеност на увозот со извоз од 257,2 0тсто), со Косово (41 милион и покриеност на увозот со извоз од 623,4 отсто, со Белгија, Холандија и БиХ. Најголем дефицит во трговската размена имаме со Велија Британија – 206 милиони долари, со покриеност на увозот со извоз од само 6,8 отсто.
Азиските пазари – непознати за Македонија!
И покрај препораките на економските аналитичари за позасилен настап на домашните компании во Азија, а кои особено станаа актуелни по големата економска криза на Стариот контитент и во САД, засега ова нема ништо. Во најголемите 20 трговски партнери на земјава, има само една азиска земја – Кина. Размената во првите три месеци изнесува 107,4 милиони долари, со дефицит на наша страна од цели 84 милиони. Тука е и Русија, која се наоѓа на 19 место, по обемот на стоковна размена со земјава.
Економските аналитичари и бизнис – заедницата во изминатиов период лоцираа неколку причини зошто се уште не можеме позасилено да настапиме на овие пазари: различните потрошувачки навики, потребата од силен локален партнер, задолжителното воведување на ХАЛАЛ – стандардот, јазичната бариера, потребата од кредитни линии за поголема поддршка на извозните компании…
– Постои огромна можност да се позиционираме на овие пазари, но треба да сме поагресивни. Азија е огромен пазар од 4,2 милијарди, наспроти Европа со 650 милиони. Имаме големи потенцијали, во многу земји нашите производи можат да поминат, и не гледам причина зошто да не ја освојуваме Азија – смета Владимир Ковчегарски од Совет за надворешна трговија Македонија – Азија –Пацифик.
И додека само се сонува за овие пазари, во реалноста, 80 проценти од надворешно – трговската размена на Македонија е со земјите – членки на ЕУ, 12,4 отсто со земјите од Западен Балкан, а само 1,2 отсто со Организацијата за економска соработка на земјите од азиско – пацифичкиот регион
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.