| четврток, 6 декември 2018 |

Тодоров: Да градиме здравствен систем ослободен од поткуп

todorov 2
Треба да градиме систем, особено здравствен систем кој ќе биде целосно ослободен од поткуп. Ова денеска го истакна министерот за здравство, Никола Тодоров, одговарајќи на новинарско прашање за негов коментар во врска со притворот на доктор Дејан Ставриќ.

Очекувам, посочи министерот, надлежните органи во државата во согласност со законот да ја спроведат постапката и да донесат правична одлука.
– Како правник целосно ја почитувам пресумцијата на невиноста и очекувам судот во една процедура која е пропишана во согласност со Закон да ги утврди фактите и околностите и да ја утврди вистината, дали тоа се случило или не. Ако се утврди дека тоа е вистина, тогаш треба сериозно да се казни – рече Тодоров.
Како човек и како министер за здравство, посочи тој, искрено ми е жал доколку се утврди дека тоа е точно во судска постапка, дека сѐ уште постојат луѓе во здравствениот систем кои сметаат дека може да земаат поткуп и да поминат неказнето.
– За мене лично како човек нема ништо полошо од тоа доктор да земе пари од пациент за да му обезбеди определена здравствена услуга или за здравје народски кажано, особено што не станува збор за мала сума, станува збор за голема сума – додаде Тодоров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top