Шпанскиот кошаркарски тим Валенсија е освојувач на Еврокупот откако и во реваншот на гостински терен славеше победа над рускиот гигант Уникс Казан со 85-73. Првата средба во Валенсија заврши со победа на домаќините со 80-67.
Валенсија беше доминантна и во возвратниот дуел и водеше во текот на целиот натпревар. Уште во првата четвртина избраниците на Велимир Перасовиќ покажаа дека се дојдени да го освојат купот дозволувајќи им на домаќините да постигнат само четири поени (16-4). Во останатиот дел од натпреварот двете екипи беа израмнети, но Валенсија не дозволи во ниту еден момент противникот резултатски да се доближи ниту, пак, да ја брка негативата од првата средба.
Најефикасен на паркетот беше центарот на Валенсија, Џастин Долман, со 26 поени. Кај домаќините се истакна Ендрју Гудлок со 22 коша.
Ова е трет пехар од Еврокупот за Валенсија по оној во 2004 и 2010 година.
Со овој успех Валенсија си обезбеди учество следната година во најсилното натпреварување, Евролигата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.