На арената „Филип Втори“ утревечер Металург и Работнички ќе ги одмерат силите во големото финале во националниот куп. Тренерите и капитените на двете екипи, Срѓан Захариевски и Игор Ангеловски, ја искажаа мотивираноста и решителноста да одиграат најдобро токму во големото финале.
– Финалето е предизвик за секој спортист, а чувството кога ќе го освоиш Купот, не се споредува со ништо друго. Затоа е ова посебно натпреварување, а Металург е максимално мотивиран да го освои трофејот. За противник го имаме Работнички, кој заслужува голем респект, но ние веруваме во нашите сили и се надеваме дека на крајот ние ќе бидеме тимот што ќе се радува. Се надевам на вистински спектакл и би сакал гледачите да уживаат во играта на двата тима – изјави Срѓан Захариевски, тренерот на Металург.
Стратегот на „романтичарите“ размислува за двојна круна, а утрешното финале е првата од двете зацртани цели.
– Оваа сезона одигравме три натпревари и сѐ уште немаме победа над Металург. Се надеваме дека утревечер ќе ја оствариме првата и дека ќе го освоиме Купот на Македонија. Финалето е специфичен меч, нема место за поправен испит, а многу значајни фактори се желбата и залагањето. Ќе бидеме ослабени со неиграњето на Стефан Вујчиќ, тој е важен дел од играта во нашиот среден ред, меѓутоа сигурен сум дека играчот што ќе го замени ќе го даде својот максимум и полн придонес во нашата игра – истакна Игор Ангеловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


