| четврток, 6 декември 2018 |

Министерот Димовски во посета на поплавените површини во Чешиново-Облешево

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и градоначалникот на општина Чешиново-Облешево, Костадин Личков денеска извршија увид на поплавените површини од Злетовска Река.

– Поради обилните врнежи дожд и надојдените води од топењето на снегот од Осоговијата, во текот на вчерашниот ден Злетовска Река се излеа од коритото низводно во атарите на селата Жиѓанци, Новоселани и Лепопелци во општината Чешиново-Облешево. Причината за излевањето е неисчистеното речно корито кое е стеснето на две места, се вели во соопштението од МЗШВ.

Kако што рече Димовски штетата може да се санира со една машина гасеничар, за повеќе да нема проблеми.

Машината веќе е на терен и се работи на расчистување на коритото од што и самите земјоделци се задоволни – додаде тој.

Министерството за земјоделство ја следи ситуацијата, но доколку продолжат врнежите реката може уште повеќе да се излие и да ги покрие со мил оризовите површини.

– Во моментот нема големи штети. На местото каде што е реката излеана површините не се засеани (тоа се државни површини под концесија). Станува збор за штети на површина од околу 2 хектари, а на поплавеното поле од околу 30 хектари, кое што е посеано со ориз нема штета затоа што не е покриено со мил, се вели во соопштението.

Министерот Димовски додаде дека во најбрз можен рок мора да се исчисти коритото на Злетовска Река од дрвна маса од село Лепопелци до влевање во Брегалница во должина од 6 километри, за што е ќе се побара согласност од Министерството за животна средина.

Димовски истакна дека мора да се исчисти стеснетото речно корито на Злетовска Река, бидејќи доколку не се исчисти коритото загрозени се населените места Новоселани, Зиганци и Уларци и земјоделска површина од 100 хектари.

– Временската прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи за утре предвидува послаби врнежи, а за сабота и недела обилен и пороен дожд. Ова е лошо. Затоа од ХС „Злетовица“ е побарано воопшто да не се испушта вода од акумулацијата иако во моментот акумулацијата прелива, се вели во соопштението од Министерството за земјодеслтво.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top