Просечната месечна нето-плата во февруари оваа година била 21.941, додека во бруто- износ таа била 30.662 денари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Просечната плата по вработен во февруари оваа година во однос на истиот период лани бележи пораст од 0,1 отсто.
Ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите рударство и вадење камен за 16,5 отсто, градежништво за 8,7 отсто и административни и помошни услужни дејности за 4 отсто. Кај бруто-платата зголемување се забележува во секторите рударство и вадење камен за 13,8 отсто, градежништво за 8,5 отсто и финансиски дејности и дејности на осигурување за 2,8 отсто.
Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Земјоделство, шумарство и рибарство за 6,5 отсто, Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 6,5 отсто и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 4,7 отсто.
Намалување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Земјоделство, шумарство и рибарство за 7 отсто, Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 6,6 отсто и Рударство и вадење на камен 5 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.