Владо Бучковски, поранешен премиер и лидер на СДСМ во интервју за Дојче веле го потврди она што веќе го кажа за „Република“ дека во мај треба да биде формирана нова партија, која ја бара поддршката на меѓународната заедница.
– Во овој момент моето учество во новата партија е ставено во лер, сè до конгресот на СДСМ во мај. Моето име досега често се злоупотребуваше во контексти на разни партии и на политички заднини. Но во овој момент не сакам мојот ангажман да го ставам во функција на нова партија, бидејќи сè уште сум оптимист дека работите во СДСМ ќе се сменат на подобро и дека партијата ќе се демократизира- вели Бучковски.
Според него, демократизација на СДСМ не подразбира само заминување на Бранко Црвенковски од лидерската функција туку, како што вели, треба да се смени досегашната матрица на размислување и однесување и да се цени квалитетот, а не поданичкиот однос кон лидерот.
-Кризата раѓа лидери, но и уништува лидери. Правилото ‘еднаш лидер – секогаш лидер’ не поминува. Се покажа тоа преку примери во регионов и во соседството. А ако СДСМ навистина ги врати и пратеничките мандати, ќе предизвика и серија глупости, по што партијата ќе биде маргинализирана. Судбината на ПАСОК ќе стане и судбина на СДСМ- вели Бучковски.
Тој информира дека новиот политички субјект ќе биде промовиран во мај.
-Се работи за крајно сериозен проект, за партија со граѓанска опција за европска Македонија. Јас сега не сакам да го контаминирам процесот како нејзин гласноговорник. Тоа ќе биде коалиција од видни интелектуалци и претставници на бизнис заедницата. Сега бараме поддршка од меѓународната заедница, бидејќи во овие околности за било што е потребна поддршка од нејзините претставници. Тоа е и доволен доказ дека новата партија не е диригирана од власта и дека нема да биде сурогат на СДСМ- вели Бучковски.
На прашањето дали освен поддршка, и идејата за партијата е иницирана од меѓународната заедница, Бучковски за Дојче веле со одговор.
-Делумно да, пред сè како притисок за неодговорното однесување на опозицијата- изјави тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.