Колку пати ви се случува да употребите туѓ збор во говорниот јазик или да напишете збор што не ви е мајчин не можејќи во својот речник да го најдете зборот што ви е потребен во моментот? И знаете да кажете: ех, сиромашен ни е јазикот! Или, подобро е на англиски, на пример? Лингвистите тврдат дека јазикот не ни е сиромашен, туку малку го познаваме. Тие на кои тој им е специјалност, секако дека се согласуваат со овој факт, тие што помалку го познаваат знаат да кажат дека ни скуден не можејќи да најдат соодветен збор во својот речник.
– Јазикот секогаш го поврзуваме со мислата и со нејзиното изразување. Оттаму, „сиромаштијата“ на јазикот можеме да ја сврземе само со скудност или со ограниченост на мислата. За македонскиот јазик и поспецифично за неговата лексика е важно тоа што беше идејно потцртано од Мисирков и од Блаже Конески: дека речникот треба да се збогатува со зборови од македонските дијалекти, но не треба и да се занемарува процесот на збогатување на речникот со интернационалната лексика. На тој начин се воспоставува врска со корените и се развива односот со совремието, со модерното. Најдобар начин за збогатување на јазикот, би рекла, е читањето и тоа на уметничка литература (тука мислам на македонските автори, но и на преводна литература) со што се постигнува развиток на мислата и осознавање на изразните средства на македонскиот јазик – вели д-р Александра Ѓуркова, научен советник во Институтот за македонски јазик.
Со неа со согласува и професорот Томислав Треневски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје. За „сиромашниот јазик“ е виновно нашето образование, култура, тоа што се помалку читаме книги, лошиот јазик во медиумите, јазикот на јавните личности, политичарите… Убаво би било кога политичарите би имале јазичен стилизатор, кој би ги советувал, посебно во акцентирањето.
– Ниту еден јазик на светот не е сиромашен и никако не можам да се согласам со таа констатација. Сиромашни се некои, кои немаат почит кон стандардот и нормата на јазикот. Може да биде скуден нивниот речник и нивното познавање, но не и јазикот – смета професорот Треневски.
Јазикот се штити со негување на јазичниот израз
Мора да се прави разлика меѓу официјалната комуникација и секојдневната. Во неформалната е нормално да има спонтаност, а оттаму доаѓа и креативноста во јазикот. Така се раѓа и сленгот.
– Од исклучителна важност е во официјални обраќања на јавни настапи, во комуникацијата во училиштето, на факултет и, општо земено, во формалната комуникација да се употребува македонскиот стандарден јазик, сo што учесниците во комуникацијата покажуваат јазична свест и почитување кон соговорниците. Се разбира, во неформалната комуникација е сосема нормална спонтаноста во комуникацијата, а со тоа доаѓа и креативноста во јазикот. Оттаму, се јавува и сленгот, разговорниот стил што во секој случај го гледаме и како лингвисти го истражуваме како дел од јазикот што не треба да се занемари. Значи, јазикот најдобро би го заштитиле со негување на јазичниот израз и со правилната едукација, пред сѐ во училиштето во врска со општествени сфери во кои е неопходна употребата на стандардниот јазик – вели д-р Ѓуркова.
Денес сѐ почесто сме сведоци на користење несоодветна лексика на македонскиот јазик, а младите за да бидат поинакви од другите често ги менуваат и родовите во обраќањето.
– Секој млад човек, тоа е природно, има отпор кон нормите и правилата што му се наметнуваат. Тоа можам да го разберам, но сметам дека мора да се внимава. Младоста се поврзува со бунтовништвото. Тоа бунтовништво се манифестира преку начинот на облекување, говорење, слушање посебен вид музика, но мора да се внимава на начинот на кој се изразуваме. Сите сме повикани да водиме сметка за јазикот. Нам ни се случува варваризација на јазикот. Нормално е англискиот јазик најмногу да навлегува во секојдневниот говор. Па така место „вгради“ имаме „имплементира“, „парти“ место „забава“, „бјути“ место „убавина“. На тој начин се обезличува кроткиот, питом, македонски јазик – вели професорот Треневски.
За д-р Ѓуркова, кога се зборува за евентуалните опасности за определени јазици во социолингвистички контекст, посоодветно е да се зборува за лингвоцид, отколку за геноцид на македонскиот јазик.
– Но, мислам дека е, сепак, преостро е овој термин да го сврземе со македонскиот јазик, со оглед на тоа што, според Уставот, тој е единствениот официјален јазик (заедно со кирилското писмо) во државата и во меѓународните односи, со што се поставува здрава основа за неговата заштита и правилна употреба во сите сфери на општественото живеење. За тоа, секако, придонесува и Законот за употреба на македонскиот јазик, кој е донесен во 1998 година. Овде би сакала да додадам дека во периодот на донесувањето на амандманите на Уставот на Македонија во 2001 година специјалистите по јазик во нашата држава не беа консултирани кога станува збор за амандманот V, кој се однесува на прашањата за јазикот, и покрај тоа што тие упатуваа барања за поставување на ова прашање на јавна расправа. Кога зборуваме за македонскиот јазик надвор од границите на државата, тука можеме да се осврнеме на неповолните околности во кои е доведен македонскиот јазик. Познато е дека во Грција и во Бугарија (и двете членки на ЕУ) македонскиот јазик го нема статусот на малцински јазик на кој има право според Европската повелба за регионални и малцински јазици, која има за цел да ги заштити малцинските јазици во ЕУ. Од земјите што се членки на ЕУ само во Романија фигурира македонскиот јазик меѓу различните јазици заштитени како регионални, односно малцински според Повелбата. Инаку, РМ ја има потпишано споменатата Повелба во 1996 година. Во овој контекст, треба да го имаме предвид договорот меѓу Македонија и Србија и Црна Гора за заштита на македонското малцинство во Србија и во ЦрнаГора и за заштита на српското и на црногорското малцинство во РМ – вели д-р Ѓуркова.
Научниот советник во Институтот за македонски јазик смета дека најдобар начин да се грижиме за јазикот е да се почитува и правилно да се применува сето тоа што е пропишано со Законот за употреба на јазик што го зборуваат 20 проценти од граѓаните во Македонија и во единиците на локалната самоуправа, Законот за употреба на македонскиот јазик, како и со Уставот на РМ.
Марко Цепенков, најголемиот собирач на македонските народни умотворби, уште пред еден век велеше „мора да се најде мерата“. „Повеќе верба во нашиот јазик“ е наслов на првиот напис на Благоја Корубин, еден од најзначајните лингвисти на првата генерација на македонската наука за јазикот објавен во дневниот весник „Нова Македонија“. Корубин како да знаел што ќе нѐ снајде и на еден начин ја предвидел ситуацијата во која се наоѓаме годиниве наназад.
– Треба да се обрне многу внимание во основното образование, каде што се здобиваат основите на мајчиниот јазик. Ни се случува децата да слушаат дијалектизми, кои подоцна ги прифаќаат како норма. Мора да се стимулира говорниот јазик, а не тестовите да ни се сведуваат на заокружување на точниот одговор. Секогаш меѓу нашиот и туѓиот, треба да го одбереме нашиот збор. И како што велел Цепенков, „да не претеруваме, туку да имаме мера во сѐ, па така и во јазикот“ – завршува Треневски.
(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 85. број на неделникот „Република“, 18.04.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Во скопската ЗОО таблите за опис на животните на македонски и на албански јазик
-
Коѕијас до Мицотакис: „Македонскиот јазик“ официјално го предаде Нова демократија во 1977
-
Мицотакис: Не прифаќаме македонска националност и македонски јазик
-
Груевска-Маџоска: Македонскиот јазик не се споменува ниту еднаш во Стратегијата на Министерството за култура за 2018-2020