| четврток, 6 декември 2018 |

Патарина за цела Европска унија?

TollLanes

Додека баварската ЦСУ упорно бара патарина за приватните автомобили и во Германија, европскиот комесар за енергетика, германскиот политичар Гинтер Јотингер, предлага во цела ЕУ да се воведе наплата на патарина на автопатиштата.

Пред изборите за Европскиот парламент, баварските христијански демократи повторно ги привлекуваат гласачите со напорите за воведување на патарина на приватните возила и во Германија. Секако, ЦСУ не сака да ги налути германските возачи, туку пред се се залага патарината да ја плаќаат само странците. Бидејќи тоа практично е невозможно да се усогласи со прописите на Европската унија, се размислува за вињети каде за тој износ би се намалувал данокот на приватните возила кој го плаќаат Германците.

Жителите на нај јужната германска покраина се лутат што практично целиот сообраќај во Европа тече по нивните патишта и за време на годишните одмори таму редовно настануваат застои долги и по неколку десетици километри. А иако во тие колони има и многу возила од други земји, Баварците од сето тоа немаат ништо. Денешните автомобили ретко имаат потреба барем во Баварија да ги полнат резервоарите со гориво, тие само поминуваат низ таа покраина.

Сѐ уште и во Германија се размислува

Патарината за приватните возила всушност влезе и во коалициски договор на новата влада на Ангела Меркел. Но, токму по прашањето како да се воведе патарината, а притоа да не се оптоварат германските возачи, нема баш многу политичари на кои им е посебно дојдено до реализација на тој проект. Бидејќи и таа идеја Германците да плаќаат помал данок на приватните возила има недостатоци: сопствениците на еколошките возила и така плаќаат минимален, а некои воопшто не плаќаат данок на возилата. Што со нив? Сепак, германскиот министер за сообраќај Александар Добриндт кој е член на ЦСУ, пред изборите за ЕП уште еднаш најави дека таквата патарина за странци ќе дојде многу брзо, можеби веќе во 2016 година.

Такви идеи за дискриминација на странските возачи всушност се повеќе ги има во ЕУ. Неодамна и француската министерка за околина и енергетика Сежолин Ројал најави наплата на патарина за странски товарни возила дури и ако тие не ги користат автопатиштата, туку ги оптоваруваат локалните улици кои течат паралелно со главните сообраќајни текови. Сето тоа стана премногу за европскиот комесар за енергетика и политичар христијански демократ на Меркел, Гинтер Јотингер, кој во разговор за весникот Велт ам Сонтаг, се заложи за заедничка, европска патарина која би важела за сите земји на ЕУ.

Обединета Европа на четири тркала

На автопатиштата навистина владее голема гужва. Во некои земји постојат паушални наплати на патните мрежи, во некои пак постојат наплати на некои делници, а некои земји воопшто не наплаќаат патарина. Постои вечен проблем за износот каде некои земји како Словенија, наплатуваат несразмерно многу за своите вињети со оглед на нивната мрежа.

Европскиот комесар не влезе во детали како би изгледала таа европска наплата за користење на автопатиштата, но тука ЕУ не сака да ги намрси мустаците, туку сака сите тие пари од патарините да одат во државните каси. Уште повеќе што европскиот комесар смета дека во догледно време повеќе нема да може да се потпираат само на државниот буџет за градење на сообраќајници и дека ќе мора да се дозволат и приватни инвестиции. А тие инвеститори потоа ќе сакаат и да собираат добивка, па сега е потребно, смета Јотингер да се создаде единствено, европско правило на игра, кај таквите приватни автопатишта.

Но, идејата од комесарот Јотингер не наиде на разбирање, дури ни меѓу политичарите на баварските христијански социјалисти ЦСУ. Тие очигледно оценуваат дека треба долго да се чека, сите земји на ЕУ да се договорат околу заедничките норми и стандарди за наплата на патарината. Така генералниот секретар на партијата ЦСУ Андреас Шоер преку весникот Ди Велт, на европскиот комесар за енергетика порача, подобро убаво да се одмори во тек на велигденските празници, наместо тука да глуми европски учител.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top