Босанскиот актер и водител Драган Маринковиќ-Маца на 5 мај ќе ја изведе претставата со која неодамна гостуваше и во Скопје, „Јас, маалскиот фраер“ (Ja, mahalac), во хуманитарни цели.
Сите средства од продадените карти за претставата, која ќе се игра во Домот на синдикатите во Белград, ќе бидат наменети за Сандра Сворцан, млада девојка од Суботица на која итно ѝ е потребна трансплантација на срце во Виена, Австрија.
Маринковиќ својата огорченост за слабата продажба на карти за неговата хуманитарна претстава ја искажа на „Твитер“.
– Помалку од половина сала е продадена. Да настапуваше некое селанчиште, би се тепале за карти. Срам ми е. Таа веќе можеше да е во Виена – напиша Маца.
Со хуманитарнитарни концерти за 23-годишната Сандра веќе се собрани дел од потребните 120.000 евра. Покрај хуманите луѓе кои донираа на нејзината жиро-сметка и донацијата од Фондот за здравство, недостигаат уште околу 20.000 евра за таа да може успешно да заздрави по операцијата.
Претставата на Маца, по двете премиери во Скопје, летово ќе биде изведена и во Охрид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


