Славниот лондонски театар „Шекспировиот Глоуб“ (Shakespeare’s Globe) на 23 април ја одбележува 450-годишнината од раѓањето на најголемиот англиски драматург и поет Вилијам Шекспир, со почеток на турнејата и ќе трае точно две години до 23 април 2016 година, на 400-годишнината од смртта на Шекспир. Податок за точниот ден на раѓањето на бардот, како што го нарекуваат Шекспир во Англија, не е зачуван, Познато е само дека бил крстен на 26 април. Според традицијата, овој ден се прославува заедно со денот на смртта на англискиот книжевник, 23 април, кој се совпаѓа со празникот на свети Џорџ, светецот заштитник на Англија.
„Тие ќе патуваат со бродови, возови, џипови, автобуси, авиони и ќе настапат на различни места, од рурални области до национални театри, од палати до плажи“ се вели во соопштението на театарот.
Улогата на Хамлет во поставката на Доминик Дромгул и на Бил Бакхерст наизменично ќе ја толкуваат Лади Емерув и Нам Хајат. Другите актери, исто така, ќе се менуваат, минувајќи на пат по околу два месеца. Според раководството на театарот, идејата за патешествието и за актерските перформанси пред нови и нови луѓе било многу значајно за Шекспир, така што светската турнеја на „Хамлет“ претставува целосно изразување почит кон авторот. Се додава дека станува збор за скап проект, па во моментов театарот продолжува со собирање финансиски средства за поддршка на турнејата.
Првата вистинска турнеја во историјата на овој стар и познат театар ќе почне на 23 април 2014 година, на самиот ден кога е роден Вилијам Шекспир во далечната 1564 година во местото Стратфорд на Авон, Театарската трупа „Глоуб“, која на турнејата ја сочинуваат 16 лица, 12 актери и четворица сценски работници, планира две години да помине во авиони, возови, бродови и во автобуси за со една од неговите најпознати и најизведувани трагедии да ги посети сите земји во светот, вкупно 205.
– Мислам дека таквата налудничава идеја е одлична, дека тоа е добар начин за привлекување на вниманието, интересот и одушевувањето поради амбициите и енергичноста на трупата – изјави неодамна за британски „Гардијан“ уметничкиот директор на „Глоуб“, Доминик Дромгул.
Истакна дека ниедна земјa не смее да биде изоставена.
– Доколку планот е да се поминат сите земји во светот, тогаш ќе гостуваме токму во сите – вели Дромгул. Тоа го вклучува, како што појаснува, и земјите од поранешниот Советски Сојуз, Јужна и Северна Кореја, која трупата одвај чека да ја посети, а нема да биде заобиколен ниту Антарктик.
За таквиот проект „Хамлет„ е идеалниот избор, смета Дромгул.
– Станува збор за светски познато, моментно најпрепознатливо дело, кое има капацитет да поставува прашања, предизвикува и инспирира каде и да е на светот – додаде директорот на „Глоуб“.
Претставата премиерно ќе биде изведена во театарот „Глоуб“ на 23 април 2014 година, каде што воедно ќе биде одиграна и последната претстава од турнејата, точно две години подоцна, на 23 април 2016 година.
Веќе се познати и последните две станици на големиот проект, 204. изведба ќе биде во Долината на Големиот Расед (Great Rift Valley) во Кенија „исходиштето на човечкиот живот на земјата ” а 205. во дворецот Хелсингор во Данска, место во кое Шекспир го смести дејството на својата трагедија. На патот до остварувањето на својата амбициозна идеја, трупата „Глоуб“ ќе го одигра „Хамлет“ во театри, на градски плоштади, на плажи и во џунгли. Сепак, патот нималку нема да биде лесен.
По Европа, каде што трупата планира да гостува во по четири земји за само пет дена, заминуваат на Карибите, во Северна и во Јужна Америка, па западниот брег на Африка до Австралија и Пацификот. Потоа на ред се Индонезија, Јапонија, Кина и Азија, па по должината на источниот брег на Африка ќе стигнат до Хелсингор, од каде се враќаат во Лондон.
– Логистички, тоа би можело да биде многу тешки издржливо – предупредува Дромгул.
Иако станува збор за експеримент без преседан, ова не е првпат трупата „Глоуб“ да се впушта во спектакуларен обид за поврзување на сите народи на светот низ дела на најголемиот писател на англиски јазик и најизведуваниот драматичар во светот. Минатото лето во рамките на Културните олимписки игри, во рамите на настаните поврзани со Олимписките игри во Лондон 2012 година, кога „Глоуб“ организираше светски фестивал посветен на Шекспир (World Shakеspeare Festival), кој во 70 претстави на 37 светски јазици собра илјадници актери од сите делови на светот. Нивните претстави, меѓу другите, се изведуваа и на знаковниот јазик, на маорски и во хипоп-верзии.
Проектот постигна неверојатен успех привлекувајќи повеќе од 100.000 посетители за само шест седмици, од кои 80 проценти театарот „Глоуб“ на брегот од Темза го посетија првпат во животот.
– Тоа беше толку фантастично искуство што заклучив дека, секако, ни е потребна уште една луда идеја – појасни Дромгул.
Патувачкиот „Хамлет“ ќе има малку помал број ликови од вообичаеното – осум, а на турнејата ќе тргнат 12 актери, кои ќе се менуваат во повеќе од две и полчасовната изведба на најдолгото дело на Шекспир.
– Турнеите ни се во крвта. Тоа е она што го правела и трупата на Шекспир, тоа е она што ние го правиме, и многу е забавно – објаснува Дромгул.
Денешниот театар „Голуб“ со целосно име „Шекспировиот театар Глоуб” (Shakespeare’s Globe Theatre) е изграден на местото од дрвениот елизабетански театар изграден во 1599 година во Саутварк крај Темза. Театарот изгорел, а неговата точна локација не беше позната сè до 1989 година, кога се откриени остатоци од неговите темели. Новиот театар е изграден според планот од елизабетинската ера и беше отворен во 1997 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.