-Вашите гласови се потврда дека водиме исправна политика. Вашите гласови кажуваат, дека вашата доверба која сме ја добиле, не сме ја изневериле. Имавме во првиот круг демократски и фер избори. Имавме успешни избори. Избори какви што и доликуваат на европска Македонија. Со овие зборови кандидатот за втор претседателски мандат Ѓорге Иванов го започна говорот во Крива Паланка, заблагодарувајќи им за гласовите што ги дале за него на 13ти април.
-Со вашиот глас кажавте дека верувате во Македонија. Верувате во политиките кои ги водиме за успех и просперитет на Република Македонија. Вашите гласови се за успехот кој го имаме во економијата, во дипломатијата, во спортот и во уметноста, во образованието, во здравството, во секоја сфера од животот во Македонија каде се спроведуваат реформи. Во секоја сфера каде се подобрува квалитетот на услугите и на животот на граѓаните на Република Македонија. Вашиот глас е за амбиентот кој се создава во Република Македонија. Да доаѓаат странски инвестиции, но и домашните инвеститори да отвораат нови работни места. Вашиот глас е затоа што препознавте разлика. Препознавте дека се зголемуваат платите, се зголемуваат пензиите, се зголемуваат субвенциите, се зголемуваат стипендиите, но се зголемува и социјалната помош. Заедништвото ја гради државата. Тоа вие го препознавте, посочи Иванов.
Тој истакна дека состојбите во Македонија се менуваат на добро и дека граѓаните тоа го препознаваат, нагласувајќи дека се градат автопатишта, железници, се градат фабрики низ Република Македонија, училишта и болници.
Секаде нешто се менува во Република Македонија. Тоа е резултат на растот на економијата во Македонија. Кога расте економијата, се расте во државата. Ви благодариме што го поддржавте тој концепт. Концептот на економска успешна и просперитетна Република Македонија, истакна Иванов.
Тоа, како што рече тој, е резултат на тимска работа, резултат на заедништво, тоа е резултат кога се работи без прекин.
И јас, и премиерот Груевски и министрите, и пратениците, и градоначалниците покажаа дека кога се работи во интерес на сите граѓани, а граѓаните тоа го признаваат, препознаваат и наградуваат. Затоа ви благодариме за вашата доверба и за вашиот глас. Но, доколку ја добиеме вашата доверба, повторно, и на овие избори, нема запирање, постојат многу нови проекти. Постои многу работа која треба да се одработи, нагласи Иванов.
Додаде дека покажале оти кога се работи тимски има и резултати и дека тие резултати ги потврдиле и петте позитивни извештаи и петте препораки за почеток на преговори во Европската унија.
Тоа, рече, го покажаа исполнетите услови да станеме членка на НАТО. Тоа се релевантни извештаи, тоа се резултати од сиот труд кој го вложивме во изминатите години. Обезбедивме и визна либерализација за нашите граѓани. Успеавме да ги зацврстиме стратешките партнерства и да создаваме нови, рече тој.
Со секоја остварена средба, со секоја донесена инвестиција, со секое ново работно место, со секој изграден пат, посочи Иванов, го менуваме животот и го менуваме ликот во Македонија.
Нагласи дека тоа го чувствуваат и младите и старите, и професорите и студентите, и учениците и учителите.
Македонија се гради со меѓусебна почит и почитување на различноста на сите нејзини граѓани, независно од етничката, религиска и која било друга припадност.Македонија се гради со доверба меѓу институциите. Се гради и соработка меѓу институциите. Сето она ние што сме го кажале, сме го исполниле. Затоа граѓаните веруваат. Веруваат на нашата искреност. И затоа имаме чист образ, повторно да дојдеме, да ја бараме вашата доверба. Во изминатиот период, како Претседател на Република Македонија економијата ја ставав на исто ниво како и безбедноста, меѓународната политика и внатрешната политика на земјата, рече Иванов пред граѓаните на Крива Паланка.
Иванов посочи дека за да биде Македонија безбедна, сигурна, и меѓународно ценета, мора да биде економски силна и развиена земја, и нагласи дека сето тоа што го правеле досега, го правеле за да се отворат нови можности за македонската економија, и нови пазари за македонските производи и македонските стопанственици.
Доколку ја добијам вашата доверба, и во следните 5 години ќе продолжам со ист интензитет, со иста посветеност за развој и просперитет на Република Македонија. Кога станува збор за нашата држава Република Македонија ни треба континуитет, ни треба стабилност и ни треба искуство. Во овие 5 години можевте да видите за што се борам јас, за што се борат премиерот и сите министри, сите пратеници и градоначалниците. Знаете со какви луѓе имате работа. Знаете дека е проверено! Затоа бараме поддршка да продолжиме по патот што вие го трасиравте. Патот кој произлегува од вашите потреби, и решавање на вашите проблеми. Покажавме дека успехот носи успех на секое поле. И затоа, се радуваме на успесите, на нашите спортисти. На успесите на нашите уметници, нашите пејачи, на успесите на нашите научници, рече Иванов.
Тој нагласи дека еден од столбовите на неговата програма е токму солидарноста и грижата за сиромашните, старите, болните и лицата со посебни потреби, нагласувајќи дека солидарноста не е само празен збор, туку дека таа подразбира одговорни политичари но и напредна економија.
-Вашиот глас за мене, вашиот глас за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија е глас за самите вас, за вашите семејства, за вашите општини, глас за Република Македонија. За успешна, напредна и просперитетна Република Македонија. Овие се клучни избори. На 27 април, вашиот глас одлучува каква Македонија ќе имаме во иднина. Вашиот глас зависи каква Македонија ќе оставиме на нашите деца. Вашиот глас е глас за иднината на Република Македонија. Затоа ве повикувам, на 27 април уште помасовно да излезете и да гласате, да го дадете вашиот глас. Да го засилиме темпото на развојот и успехот на Република Македонија. Да продолжиме со реформите, да работиме за доброто на сите граѓани на Република Македонија. Затоа вие одлучувате, порача Иванов од Крива Паланка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ
-
Кабинет на Иванов: Владата самата да се запраша зошто е исвиркана
-
Претседателот Иванов со порака до граѓаните: На Илинден сите дојдете на Мечкин Камен во Крушево